Колку треба да заработувате во Германија за вашата плата да се смета за добра? Ова е прашање што често го поставуваат оние кои размислуваат за преселба и работа во оваа земја.
Одговорот не е едноставен, бидејќи чувството на финансиска сигурност зависи од повеќе фактори – местото на живеење, трошоците за живот, семејната ситуација и други околности.
Сепак, економските податоци даваат одредени граници кои можат да послужат како ориентација.
Според податоци објавени од германскиот портал „wmn.de“, просечниот годишен нето приход за самец без деца во Германија изнесува 27.416 евра, што е околу 2.284 евра нето месечно, пренесува „Феникс магазин“.
Но, просекот не покажува каде точно се наоѓа еден човек во однос на останатото население. Затоа Институтот на германското стопанство (IW Köln) користи подетална поделба на приходите.
Според оваа класификација, во пошироката средна класа спаѓаат лицата со месечен нето приход од 1.496 до 2.804 евра.
Тоа значи дека лице со плата од нешто помалку од 1.500 евра нето статистички се наоѓа во категоријата средна класа. Сепак, тоа не значи автоматски и висока финансиска сигурност, особено во германските градови со високи кирии и трошоци за живот.
Германската економска класификација ги дели месечните нето приходи во четири главни категории:
1.121 – 1.495 евра: пониска доходовна средина
1.496 – 2.804 евра: средна класа
2.805 – 4.673 евра: повисока доходовна средина
над 4.673 евра: релативно високи приходи
Според оваа поделба, оние кои заработуваат повеќе од 4.673 евра нето месечно спаѓаат во групата со релативно високи приходи.
Иако бројките даваат јасна статистичка слика, тие не секогаш го одразуваат реалниот животен стандард.
Плата од 1.500 евра има сосема различна куповна моќ во помал град во источна Германија во споредба со Минхен, Франкфурт или Хамбург. Во големите градови, каде што кириите можат да заземат значителен дел од месечниот приход, припадноста на статистичката средна класа не значи и живот без финансиски притисок.
Затоа, при проценката дали одредена плата е „добра“, освен националниот просек треба да се земат предвид и браншата, работното искуство, местото на живеење и локалните трошоци.
За оние кои преговараат за повисока плата или размислуваат за преселба во Германија, податоците за просечните примања во конкретната професија и регионот можат да бидат многу покорисни од општиот просек за целата земја.
Со други зборови, статистичката припадност на средната класа и реалната куповна моќ не се секогаш иста работа.












