Н: Мониторинг на желките во Љубојно – Долно Дупени
Македонското еколошко друштво (МЕД) на 26 август (среда), во Љубојно – Долно Дупени, во 8:00 часот ќе организира теренската посета за мониторинг на желките, во рамките на јавната манифестација „Мојот дел од природата“, во соработка со Општина Ресен и со Националниот парк „Галичица“. Во рамките на теренската посета за мониторинг на желките, ќе може да се добијат одговорите на тоа како, всушност, се следат желките во природата. Како се проценува бројноста на една популација? Кои видови желки ги среќаваме во Преспа, каде ги бараме и кои се најголемите закани за нив? И што може да дознаат научниците за состојбата со екосистемот од овие исклучително важни жители на природата?
Настанот се организира во рамките на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ), во рамките на програмата „ЕУ за Преспа“, и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ). Партнери во имплементацијата на проектот се Македонското еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Имплементацијата на проектните активности е поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија и Националниот парк „Пелистер“.
Поаѓањето е од Ресен, а превозот ќе биде организиран.
Пријавувањето за теренската посета е отворено до 19 август, преку следнава форма за регистрација: https://forms.gle/EzzvwMdmduemPfQt7
Бројот на места е ограничен.
– Во делови од Западна Европа, популациите на шумски желки се соочуваат со сериозен пад, пред сѐ како резултат на губењето и фрагментацијата на живеалиштата, развојот на инфраструктурата и разни други притисоци. Затоа следењето на нивната бројност, распространетоста и состојбата е особено важно за да знаеме што се случува со популациите во Преспа и навреме да преземеме мерки за нивна заштита – велат од МЕД.












