петок, септември 25, 2026
Дома СВЕТ Моџтаба Хамнеи не е виден со месеци: Пезешкијан открива детали

Моџтаба Хамнеи не е виден со месеци: Пезешкијан открива детали

28
EPA/ABEDIN TAHERKENAREH

Врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, е во добра здравствена состојба и целосно ја контролира земјата, изјави иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, додавајќи дека последен пат се сретнал со него пред околу еден месец.

„Не се сеќавам на датумот. Пред околу еден месец. Пред месец и половина. Средбата траеше околу седум часа. Разговаравме лице в лице“, рече Пезешкијан во интервју за „Фокс њуз“.

Се верува дека Моџтаба Хамнеи (56) се здобил со тешки повреди во американските и израелските воздушни напади на 28 февруари — во кои на почетокот на војната загина неговиот татко Али Хамнеи — и откако е избран за врховен лидер на Иран, тој не се има појавено во јавноста, ниту пак во видеоснимка.

На прашањето дали Хамнеи е здрав и способен да владее, иранскиот претседател одговори потврдно.

„Токму така, целосно“, одговори Пезешкијан, кој додаде дека неговата администрација добива „инструкции“ од Хамнеи.

Пезешкијан изјави дека „недостатокот на безбедност создаден од дејствијата на странците… од дејствијата на агресорите“ е причината поради која Хамнеи не се појавува во јавноста од почетокот на војната.

Тој изјави дека Иран „бара договор“ со Соединетите Американски Држави за ставање крај на конфликтот и дека е „подготвен и сè уште сака да продолжи напред“ со меморандумот за разбирање кој беше потпишан во Пакистан во јуни, а кој пропадна откако Корпусот на Исламската револуционерна гарда (IRGC) продолжи да напаѓа комерцијални бродови во Ормушкиот Теснец.

Иранскиот претседател за пропаѓањето на договорот ги обвини „недостатокот на координација“ и „недоразбирањата“ околу неговото спроведување, а не нападите врз бродовите од страна на IRGC.

Во исто време, Пезешкијан предупреди дека Иран „ќе продолжи да пружа отпор до самиот крај“ и најави дека „силно ќе одговори“ на американските напади.

„Со поттикнувањето што го спроведува Израел, тие ни ја наметнаа оваа војна, но ние не сакаме да продолжиме. Америка мора да одлучи дали сака да го заврши ова или не“, рече Пезешкијан.

На прашањето за извештаите дека кинески субјекти му доставуваат на Иран сателитски снимки од американските бази на Блискиот Исток за IRGC да ги гаѓа, Пезешкијан рече дека „не е запознаен со тие наводни снимки“.

„Она што војските го прават меѓусебно, меѓу две земји, тоа е нивна работа“

ИЗДВОЕНИ