среда, јули 22, 2026
Дома СКОПСКА Модернизирање на училиштата во Кисела Вода

Модернизирање на училиштата во Кисела Вода

641

Општина Кисела Вода континуирано вложува во создавање на современи услови во училиштата, преку редовни инфраструктурни подобрувања и модернизација на објектите.

Оттаму велат дека во изминативе неколку месеци се работело на повеќе градежни зафати, реконструкции и набавка на опрема, со единствена цел да се унапреди квалитетот на наставата за секој ученик.

-Во ООУ „Партенија Зографски“ се реализираше темелна реконструкција на санитарните јазли, изградба на тоалет за инвалидни лица, комплетна замена на осветлувањето и инсталација на нова интернет мрежа. Дополнително, кабинетите за одделенска настава се целосно опремени со нов мебел и ИТ опрема, а училишниот двор доби ново хортикултурно уредување со над 150 садници, поставувајќи висок стандард за современа образовна средина – соопштија од локалната самоуправа.

При тоа, наведуваат дека градежната офанзива и капиталните инвестиции подеднакво ги опфатиле и останатите образовни установи.

-Во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ се реши долгогодишниот проблем со задржување на водата преку поставување на павер елементи на еден од влезовите, додека внатрешноста е освежена со комплетно реновирање на училници, поставување на ново лед-осветлување и набавка на поголем број компјутери и телевизори. Слични инфраструктурни подобрувања се одвиваат и во ООУ „Кузман Шапкарев“ во Драчево, каде е поставена нова енергетски ефикасна влезна врата и хидрантска мрежа за зголемена безбедност, а во тек е и темелна реконструкција на спортската сала – информираат од Општина Карпош, нагласувајќи дека капитални вложувања тековно се одвиваат и во ООУ „Круме Кепески“, каде во централното училиште се реновирале спортската сала и соблекувалните, обновена била училишната трпезарија, поставено е ново надворешно осветлување, а потпишан бил и договор со Министерството за образование за доградба на шест нови училници. Истовремено, во подрачното училиште била пренаменета просторија која сега е целосно опремена како нова ресурсна соба.

Во меѓувреме, ООУ „Свети Климент Охридски“ добило нови бетонирани и бехатон патеки низ дворот, ново осветлување и смарт табли, додека во ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“ во тек била изградба на нова спортска сала, реконструирана била електричната инсталација и значително бил збогатен фондот на компјутерска опрема за наставниот кадар и учениците.

-Особено значаен инфраструктурен проект се реализира во ООУ „Невена Георгиева – Дуња“, каде во тек е доградба на објектот со нови училници и санитарни јазли, а паралелно училиштето е опремено со десетици нови десктоп компјутери, лаптопи и интерактивни панели. Грижата за училишните дворови и осовременувањето на наставата е евидентна и во ООУ „Рајко Жинзифов“, каде е набавена низа неопходна опрема, од ИТ уреди и спортски реквизити за фискултурната сала, до специјализирани алати за тековно одржување на зеленилото во дворот – нагласуваат од Општина Кисела Вода.

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска – Трајкоска нагласи дека обврска на Општината кон најмладите била да им обезбедат простор каде ќе можат безбедно и непречено да се развиваат, да учат и да ги остваруваат своите потенцијали.

-Реконструкциите и проектите кои ги спроведуваме во изминатиот период во основните училишта, дел самостојно, а дел со поддршка од Владата и министерствата, се одраз на нашата посветеност кон создавање модерна и функционална инфраструктура. Инвестицијата во современи образовни објекти е директна инвестиција во иднината на нашата општина и ние продолжуваме посветено да работиме во таа насока -изјави Стаменкоска Трајкоска.

 

ИЗДВОЕНИ