Од „Реформите напредуваат и се исполнуваат обврските“ до „реформите стагнираат и напредокот е недоволен“… Вакви контрадикторни оценки од страна на најразлични европски претставници и тела доаѓаат деновиве во однос на состојбата во Македонија за тоа како се работи за исполнувањето на нејзините обврски на евроинтегративниот пат. Кулминација на меѓусебно различни оценки и ставови на претставниците на ЕУ се случува деновиве по разни поводи. Па така, државата добива позитивни оценки за исполнетите обврски и најмногу средства од европскиот План за раст во однос на земјите во регионот, добива позитивна оценка од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за реформите во областа на владеењето на правото и јавната администрација… Но, напоредно со тоа, доаѓаат и негативни оценки какви што беа содржани во завчера усвоениот Извештај за Македонија од страна на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент и во кој се укажува дека напредокот на Македонија кон ЕУ останува недоволен, посебно кога се работи токму за владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата…
Излегува како и европските претставници и тела да не се на чисто дали во земјава се случува напредок, стагнирање или назадување во реформите. Нивните контрадикторни оценки, пак, лесно и веднаш стануваат муниција од тежок калибар во секојдневните пресметки меѓу најголемите партии од власта и од опозицијата околу реформите. Со тоа, уште повеќе се продлабочуваат конфронтациите и невозможно станува обединувањето околу главниот приоритет на земјава. Политичките аналитичари потврдуваат дека македонската јавност е сведок на давањето на контрадикторните оценки и ставови и дека тие во својата заднина ги имаат процените на бриселската администрација дали евроинтегративниот процес во Македонија треба да се поттикне или да се упати критика за недоволната посветеност.
Поздравување на напредокот кој недостасува
За македонската јавност беше изненадувачка содржината на вчера усвоениот Извештај во Комитетот АФЕТ во Европскиот парламент, на кој во изминатиот период работеше евроизвестувачот за нашата земја, Томас Вајц. Извештајот беше усвоен со 43 гласа „за“, 17 „против“ и 13 „воздржани“ откако во него беа вградени повеќе амандмани. Следниот чекор е гласање на пленарна седница на Европскиот парламент. Европратениците порачаа дека ја поддржуваат Македонија на патот кон ЕУ но…
– Жалиме што има недостаток на напредок од последниот извештај за земјата, недоволен напредок во владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата. Изразуваме загриженост за недоволниот напредок во независноста на судството и напорите за борба против корупцијата, предупредуваме дека корупцијата останува распространета во многу области и укажуваме на јазот помеѓу објавените истраги и конечните пресуди во случаите на корупција на високо ниво – се наведува во Извештајот.
Известувачот на ЕП за Македонија, европратеникот Томас Вајц, пак, истакна дека извештајот доаѓа во клучен момент за проширувањето на Унијата.
–Драго ми е што Комитетот АФЕТ го усвои извештајот за Македонија. Владата треба да го задржи реформскиот курс и да продолжи со напорите за интеграција. Иднината на Македонија е во Европската Унија – изјави Вајц.
Критиките содржани во Извештајот доаѓаат само кусо време по изјавите на Вајц дека Македонија остварила напредок во реформите. Во април годинава тој реагираше на објавеното интервју со него од страна на бугарската редакција на „Еуроњуз“, а кое беше објавено по цели седум недели од давањето и во кое имаше негова негативна оценка за реформите во Македонија.
– Интервјуто е од пред повеќе од седум недели и има некоја агенда зад неговото подоцнежно објавување. Северна Македонија бележи напредок во реформскиот процес и има дополнително време да ги исполни потребните обврски во рамки на реформската агенда до јуни – изјави тогаш Вајц во однос на реформите во земјава.
Набрзо потоа, во мај, Македонија доби цели 65,7 милиони евра од ЕУ во рамките на Планот за раст како резултат на исполнетите обврски кои требаше да се реализираат дотогаш. Тогаш и премиерот Христијан Мицкоски не го криеше задоволството од фактот дека земјава ги исполнила обврските.
–Ние, заклучно со декемврискиот извештај, сме вистински „фронтранери“. На второ место е Албанија, трето е Црна Гора во регионот на Западен Балкан и ние користиме најголем дел од средствата, како резултат на завршените реформи и испорачаните чекори. Оние реформи што се во грејс-период, но и оние чиј рок за испорака завршува некаде крајот на јуни, ќе бидат ќе бидат испорачани најмалку деведесет проценти, изјави неодамна Мицкоски.
Во вторникот, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, напоредно со барањето во земјава да се спроведат уставните промени, ги пофали реформите што се прават.
– Вашата Влада покажа посветеност. Го поздравувам напредокот во реформската агенда и целосното усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Тоа испраќа силен сигнал за стратешката ориентација на Северна Македонија и за вредностите што ги споделуваме – изјави Кошта на заедничката конференција за печат со премиерот Мицкоски.
Но, по сето ова, во Извештајот на Комитетот АФЕТ беше наведена спротивна оценка…
Не се контрадикторни само изјавите, туку и процесот
Политичкиот аналитичар, Петар Арсовски, за весникот ВЕЧЕР оценува дека може да се каже дека постои контрадикторност во изјавите и оценките на европските претставници. Според него, дискрепанцата се појавува по две оски: првата е дали реформите ги перципираме од техничка или од политичка призма, при што техничката е многу построга.
– Политичките претставници имаат за цел да дадат поттик на реформите и од нив доаѓа секогаш пооптимистичка политичка оценка бидејќи тие сакаат да ги забрзаат реформите. И таа оценка е секогаш подобра, пооптимистичка отколку техничката која се појавува во извештајот. Техничкиот извештај следи многу повеќе параметри кои се потешки за исполнување – наведува Арсовски.
Тој додава дека ставовите во оценките секогаш содржат голема доза на проценките на еврофункционерите дали сме поблиску или подалеку од уставните промени кои ни се услов за стартот на преговорите за членство во ЕУ.
– Па така, кога сме поблиску до уставните промени во интерпретацијата на нашиот напредок има позитивни оценки, а кога ЕУ чувствува дека сме подалеку, тогаш и речникот станува поостар. Тоа е лавирање во однос на процените дали ќе се тргне напред или не во уставните промени кои се главен услов за нас. Не се контрадикторни само изјавите, туку и процесот. И во процесот се прави чекор напред, па чекор назад, па и изјавите ја рефлектираат таа политичка реалност – наведува Арсовски во изјавата за весникот ВЕЧЕР.
Во меѓувреме, власта и опозицијата си ги продолжуваат конфронтациите околу тоа дали во земјава има или нема напредок во реформите. Најголемата опозициска партија СДСМ вчера соопшти дека пораките на Антонио Кошта и најновиот извештај на Вајц усвоен од ЕП се две силни потврди дека нема реформи.
– Мицкоски ги лаже граѓаните за европската иднина на Македонија, неговата криминална Влада не испорачува никакви реформи. Кошта јасно и недвосмислено порача дека уставните измени се единствениот услов за формално отворање на пристапните преговори со ЕУ. Додека Мицкоски секојдневно пласира нови измислици за Европа, од Брисел пристигна и втора порака – нема реформи. Известувачот, Томас Вајц, и членовите на Комитетот за надворешни работи констатираа дека не е постигнат напредок, особено во владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата – потенцираат од СДСМ.
На ова одговорија од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
– Време е Венко Филипче да разбере дека Македонија нема да оди напред преку понижувања, уцени и национални отстапки. Македонија ќе оди напред само со политики кои ги штитат државните и националните интереси, а не со политики кои им служат на туѓи агенди. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто посветена кон европскиот пат, но тој пат треба да биде базиран на принципи, а самиот процес да е кредибилен и предвидлив.
Вчера и портпаролот на Движењето ЗНАМ, Никола Мемов, на новинарско прашање околу контрадикторните ставови на ЕУ во однос на реформите во Македонија одговори дека Кошта јасно кажа дека има значителен прогрес.
– Ние, како политички претставници во Македонија, не сме надлежни да ја коментираме контрадикторноста на претставниците на ЕУ. Она што можеме да го коментираме е следното: Претседателот на Европскиот совет, господин Кошта, беше во Скопје и јасно кажа дека има значителен прогрес во имплементацијата на реформската агенда, посебно во ресорите јавна администрација и правда, што ги водат министри од ЗНАМ. Значителен прогрес, тоа се неговите зборови. Што се однесува до Извештајот на известувачот за Македонија, Вајс, нема да коментираме парцијално извадени новинарски исечоци. ЗНАМ е сериозна политичка партија која ќе коментира официјален Извештај од Европската комисија кога тој официјално ќе биде предаден во Македонија – нагласи портпаролот Мемов. (Б. Ѓ.)












