Македонските работници, во 2025 година, работеле во просек 39,5 часа неделно, што е значително повеќе од европскиот просек од 35,9 часа, покажуваат податоците на „Евростат“. Синдикатите оценуваат дека бројките се доказ за високата продуктивност и посветеност на работниците, но предупредуваат дека трудот и натаму не е соодветно платен

 

Работниците во Македонија, во 2025 година, во просек, работеле по 39,5 часа неделно, што е значително над просекот на Европската Унија од 35,9 часа, покажуваат најновите податоци на „Евростат“. Во споредба со 2015 година, просечното работно време во ЕУ е намалено за еден час, додека во земјава и натаму се задржува релативно долгата работна недела.

Според статистиката, од земјите во регионот, подолга работна недела имаат само Србија со 41,3 часа и Босна и Херцеговина со 41,1 часа, додека во Хрватска, работната недела изнесува 37,8 часа.

Во рамки на Европската Унија, најдолго работат граѓаните на Грција, со 39,6 часа неделно, по што следуваат Бугарија и Полска со по 38,7 часа, како и Литванија со 38,4 часа. На другата страна од листата е Холандија, каде што просечната работна недела трае 31,9 часа, пред Данска и Германија со по 33,9 часа и Австрија со 34 часа.

„Евростат“ наведува дека најдолга работна недела во ЕУ имаат квалификуваните земјоделски, шумарски и рибарски работници со 42 часа неделно, менаџерите со 40,6 часа и припадниците на вооружените сили со 39,4 часа. Најкратко, пак, работат лицата во елементарните занимања, помошните работници и вработените во услужниот и продажниот сектор.

Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека високата бројка работни часови покажува дека македонските работници се меѓу најангажираните во Европа, но предупредуваат дека тоа не е секогаш проследено со соодветни примања.

– Македонските работници одамна докажуваат дека се продуктивни, посветени и подготвени да работат повеќе од европскиот просек. Проблемот е што продуктивноста не се вреднува доволно преку платите и условите за работа – велат од ССМ.

Од синдикатот додаваат дека голем број работници работат прекувремено или извршуваат повеќе задачи одеднаш поради недостиг на кадар во многу сектори.

– Не може да се зборува дека работниците кај нас не придонесуваат. Напротив, статистиката покажува дека работат подолго од мнозинството европски работници. Потребно е тоа да се препознае со повисоки плати, подобра заштита на работничките права и поквалитетен животен стандард – посочуваат синдикалните претставници.

Економските аналитичари оценуваат дека долгото работно време не значи секогаш и поголема економска ефикасност, но додаваат дека македонските работници, во услови на ограничени ресурси и пониски примања, успеваат да одржат високо ниво на работен ангажман.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ