вторник, јули 28, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Во најава укинување на блоковите и повеќе часови евтина струја

Во најава укинување на блоковите и повеќе часови евтина струја

0

Регулаторната комисија за енергетика сè уште ги анализира можните измени во тарифниот систем, а засега нема конкретен одговор дали ќе се менуваат тарифните блокови, дали ќе добијат граѓаните повеќе часови евтина струја, ниту дали ќе се намалат регулираните давачки за пренос и дистрибуција на електричната енергија. Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, вели дека Комисијата е во фаза на симулации и прибирање податоци, додека Здружението на инженери на Македонија смета дека веќе има доволно аргументи за итно донесување на нов тарифен систем, кој би овозможил подолги периоди на евтина тарифа во часовите кога е најниска цената на струјата на берзите.

Од Здружението потсетуваат дека уште во февруари предложиле да се усогласат периодите на евтина тарифа со реалните движења на берзите на електрична енергија, каде што во одредени часови од денот цената е значително пониска. Велат дека и последните изјави на претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, потврдуваат дека и самата Комисија ја признава таквата состојба.

Според нивниот предлог, во летната сезона домаќинствата би имале вкупно 115 часа евтина струја неделно – 75 часа во работните денови, од 23:00 до 7:00 часот и од 9:00 до 18:00 часот, како и 40 часа во текот на викендите, од 22:00 до 19:00 часот. Дополнително, се предлага воведување период „блок 2“, во кој струјата во текот на викендите, од 9:00 до 18:00 часот, би била двојно поевтина. Во зимската сезона, пак, евтината тарифа би изнесувала 101 час неделно – 65 часа во работните денови и 36 часа во текот на викендите.

Инженерите велат дека ако, како што изјави деновиве претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, во периодот од 11:00 до 15:00 часот има вишоци на електрична енергија и ниски берзански цени, а истото важи и за викендите, тогаш нема причина и понатаму да се одложува донесувањето на новиот тарифен систем. Потсетуваат дека законскиот рок за негово донесување е пробиен веќе четири месеци и прашуваат дали причината за доцнењето е обврската РКЕ и „ЕВН Хоум“ да пристапат кон намалување на цената на електричната енергија.

– Ако РКЕ признава дека реалноста е таква, тогаш веднаш нека се донесе нов тарифен систем, бидејќи и онака веќе четири месеци е пробиен рокот за негово донесување. Дали причината за недонесувањето е тоа што РКЕ и „ЕВН Хоум“ треба веднаш да ја активираат постапката од член 15 и да пристапат кон намалување на цената на електричната енергија? – прашуваат од Здружението.

Од друга страна, Ристов нагласува дека сè уште е рано за какви било заклучоци. Според него, сите енергетски компании имаат рок до 30 септември да ги достават своите барања, по што ќе следуваат детални анализи.

– Прво ги чекаме сите компании да ги поднесат своите барања, и тоа е заклучно со 30 септември. Дотогаш правиме симулации и анализи и собираме податоци и од околните држави и од системите. Дури потоа, во наредните два месеци, ќе се прават интензивни анализи и ќе се носат одлуки. Дотогаш е прерано да зборуваме – изјави Ристов.

На прашањето дали анализите се однесуваат и на тарифните блокови и на евтината тарифа, тој одговори потврдно.

– Да. Ништо во овој момент не може да се каже. Сè е во делот на анализите и собирањето податоци – рече Ристов, оставајќи отворено дали ќе останат блоковите или ќе бидат изменети.

Тој појасни дека новите цени на електричната енергија ќе почнат да важат од 1 јануари, а одлуката ќе биде донесена во декември. Освен цената на струјата, годинава ќе се регулираат и цените за пренос и дистрибуција.

– Сите компании се должни до 30 септември да ги достават своите барања. Ние ќе направиме анализа, а можно е и да се намалат некои регулирани цени, бидејќи ги гледаме вкупните приходи и добивката што ја остваруваат компаниите. Улогата на регулаторот е никој да не излезе од рамките – истакна Ристов.

Предлогот на инженерите повторно ја отвора дебатата за тоа кога граѓаните ќе ги почувствуваат придобивките од пониските берзански цени на електричната енергија. Засега од РКЕ порачуваат дека сите опции: проширување на евтината тарифа, можни измени на тарифните блокови и евентуално намалување на дел од регулираните давачки  остануваат предмет на анализи, а конечните одлуки се очекуваат во декември.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ