четврток, јули 30, 2026
Дома СПОРТ Младиот шахист Стефан Мелник со нов подем: Трето место на државното првенство...

Младиот шахист Стефан Мелник со нов подем: Трето место на државното првенство за слепи и слабовидни лица!

0

Членот на младинската школа на ШК Алкалоид, Стефан Мелник, се враќа со медал од Државното првенство во шах за слепи и слабовидни лица, кое се одигра во Охрид од 22 до 27 јули.

Талентираниот шахист во мај оваа година беше дел од репрезентацијата на слепи и слабовидни лица, кога направи сензација со освојување на сребрен медал на петтата табла на Светското екипно првенство во организација на IBCA (Интернационалната Брајова шаховска асоцијација).

Согласно неговата тогашна изјава, акцент на следните настапи е ставен на натпреварувањата во конкуренција на слепи и слабовидни шахисти, подготвувајќи терен за враќање и на редовните турнири каде што конкуренцијата е далеку посилна.

Прв турнир по Светското првенство всушност беше квалификацискиот за учество во финалниот државен натпревар, каде што шестмина се пласираат од лани, а четири играчи доаѓаат од квалификациите. Така, тој од 20 до 22 јули изигра 9 партии и успеа да освои седум бода, нижејќи шест победи, две нерешени и само еден пораз. Со тоа, тој го подели првото место на квалификацискиот турнир, заедно со Трајче Димов, а покрај нив во финалето учество изборија и Блаже Атанасовски и Зоран Велковски.

На главниот турнир изигра уште 9 мечеви на кои оствари 6,5 поени (повторно само еден пораз), со што на крајот се најде на делба на второто место со Зоран Костадиновски, но имаше послаб „тај-брејк“. Даниел Димов со половина поен повеќе го освои првото место.

„Не сум презадоволен од постигнатото, но секако дека ми значи континуитетот на добри настапи. Претходно бев дефокусиран од други настани кои го окупираа моето внимание и на овие турнири можев да се сконцентрирам и да го остварам резултатот што потајно го посакував. Искрено посакувам да имам повеќе настапи во конкуренција на слепи и слабовидни шахисти, каде што се чувствувам еднаков, наспроти играта на другите турнири кога чувствувам поголем притисок. Знаејќи дека овој резултат ми овозможува директен настап во завршницата на првенството следната година, ќе се обидам да го подобрам пласманот на крајот, бидејќи оваа година почувствував замор по одиграни 18 партии“- изјави 17-годишниот Стефан.

Воедно, тој беше најмладиот учесник на завршниот турнир, а освен бронзениот медал, на своето конто додаде нови 59 рејтинг поени.

 

 

ИЗДВОЕНИ