– Од вкупно 98 проекти и мерки предвидени во владината програма во делот на културата, реализирани или се во тек на реализација 73, што е исполнетост од 72 проценти – посочи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во отчетот за сработеното во изминатите две години.

Тој истакна дека првпат е воведен моделот на делегиран буџет во националните установи.

– Во 2025 година, овој модел беше воведен во 18 национални установи, а во 2026 година – веќе во 28 установи. Тоа значи поголема автономија, подобро планирање и поефикасно управување со јавните средства. Истовремено, реализиравме два реформски годишни конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата, со јасни критериуми, мерила и стандарди. Ова овозможи транспарентна распределба на средствата и рекордно мал број жалби – кажа Љутков.

Тој, исто така, нагласи дека во изминатиот период фокусот бил ставен на воспоставувањето системски пристап, наместо краткорочни решенија, преку стратешко планирање, законски реформи, финансиска стабилизација и капитални инвестиции.

Љутков посочи дека по преземањето на раководењето со Министерството во 2024, бил наследен долг од 273 милиони денари по основ на плати во националните и во локалните установи, како и институционален систем без јасни стратешки насоки. Со првиот ребаланс на буџетот биле обезбедени средства за сервисирање на наследените обврски, дополнителни 71 милион денари за програмски активности и над 78 милиони денари за инфраструктурни проекти во општините. Во завршна фаза се националната стратегија за развој на културата, националната стратегија за културно наследство и националната стратегија за развој на туризмот, а паралелно се подготвуваат измени на повеќе системски закони од областа на културата, културното наследство, филмската дејност и авторските права, истакна Љутков. Тој додаде дека во изминатите две години биле реализирани 320 нови вработувања и 35 унапредувања во националните установи и дека првпат е воспоставен и отворен конкурс за мобилност, со кој македонските културни работници се усовршуваат во академии и во културни институции во странство.

– По седум години, повторно е реализиран конкурсот за креативни индустрии, преку кој за две години се поддржани 108 проекти, а почнато е и нивно национално мапирање, како основа за првата национална стратегија во оваа област. По речиси една деценија, обновен е и откупот на ликовни дела, при што се откупени 37 дела од значајни македонски автори, во вредност од 6,6 милиони денари.

Во областа на филмската дејност, буџетот на Агенцијата за филм е зголемен од 100 милиони денари во 2024 на 187 милиони денари во 2026. Со законските измени ќе се обезбедат и дополнителни средства од игрите на среќа за развој на домашната филмска продукција.

Во делот на капиталните инвестиции, средствата се зголемени од 230 милиони денари во 2023 на 485 милиони денари во 2026. Во тек се реализација или завршни активности на повеќе капитални проекти, меѓу кои Театарот во Струмица, реконструкцијата на киното „Партизан“ во Битола, новите простории на Џез-оркестарот, реконструкцијата на Македонскиот народен театар и на Универзалната сала… Министерот информираше дека значително е интензивирана и заштитата на културното наследство, преку инвестиции во археолошките локалитети, реконструкција на спомениците на културата, продолжување на проектот за возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник и воспоставување национален дигитален регистар на културното наследство. Во областа на туризмот, додаде, буџетот е зголемен за повеќе од 200 проценти во однос на 2023 година.

– Отворени се нови пазари во соработка со туристичкиот сектор, а во завршна фаза е националната стратегија за развој на туризмот со акциски план, која треба да ја позиционира Македонија како конкурентна европска туристичка дестинација – додаде, меѓу другото, Љутков.

 

ИЗДВОЕНИ