Општина Карпош започнува акција за санирање на дел од улицата „Трифун Бузев“ во населбата Карпош 4.
Станува збор за поставување на нова асфалтна база на коловозот во должина од 112 метри, работа на долниот строј, како и замена на рабниците и бекатон плочките долж пешачката патека. Во таа насока ќе бидат реконструирани и двата паркинга кои се наоѓаат во непосредна близина на коловозот, со поединечна должина од 80 метри.
Заменик – градоначалникот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски информираше дека реконструкцијата ќе трае од 30 до 40 работни денови.
При тоа, ги замоли граѓаните кои живеат на самата улица и во нејзина близина да бидат трпеливи.
-Општината и во иднина ќе инвестира во модернизација и подобрување на инфраструктурната мрежа на целата територија на Карпош – истакна Крстевски.
Изведувач на градежните работи е фирмата „Филип Инженеринг ДООЕЛ“, а целосниот зафат чини 8.441.538 денари.
Средствата ги обезбеди Владата, а во случајов, Општина Карпош ја доби оваа финансиска поддршка, откако изработи проект и аплицираше со него на Јавниот повик кој го распиша Министерството за локална самоуправа.












