Секое лето, па и ова, во возилата на и така нередовниот јавен градски превоз се провлекува истиот проблем. Граѓаните веќе реагираат за нехуманите услови во автобусите на ЈСП, особено во оние на приватните превозници. Освен тоа што чекаат со часови на автобуските постојки, тие, на овие високи температури, кои, за жал, почнаа уште на самиот почеток на летото, се принудени да се возат во возила во кои не се вклучуваат климите. Граѓаните велат дека иако речиси ниту еден од приватните автобуси не вклучува клима и покрај реакциите на патниците дека е неподносливо жешко и оти не се дише внатре, возачот им возвраќа дека се штеди на гориво
Секое лето, па и ова, во возилата на и така нередовниот јавен градски превоз се провлекува истиот проблем. Граѓаните веќе реагираат за нехуманите услови во автобусите на ЈСП, особено во оние на приватните превозници.
Освен тоа што чекаат со часови на автобуските постојки, тие, на овие високи температури, кои, за жал, почнаа уште на самиот почеток на летото, се принудени да се возат во возила во кои не се вклучуваат климите. Тие реагираат за ваквата состојба и бараат достојни услови во јавниот превоз.
Проблемот се зголемува со тоа што поголемиот број од автобусите, особено приватните, имаат само мали прозорчиња од кои едвај влегува свеж воздух.
– Не се дише внатре кога има многу луѓе. Се возат секакви луѓе, се мешаат различни мириси, а од лицата ни тече пот – вака ја опишува ситуацијата во автобусите скопјанка што редовно го користи јавниот градски превоз.
Граѓаните, пак, што го искусиле тоа, велат дека иако речиси ниту еден од приватните автобуси не вклучува клима и покрај реакциите на патниците дека е неподносливо жешко и оти не се дише внатре, возачот им возвраќа дека се штеди на гориво.
Покрај тоа, скопјани се соочуваат и со нехигиена во нив. Велат дека автобусите воопшто не се чистат и мијат, па така, освен што се принудени да стискаат како сардини во конзерва, мора да трпат и топлина и нечистотија.
Од ЈСП „Скопје“, во однос на климатизацијата во автобусите, тврдат дека редовно се пуштаат климатизерите во возилата во текот на летниот период, согласно со временските услови и техничките можности на возилата.
– Можно е во одредени случаи да има моментален технички дефект или прекин во функционирањето на климатизацијата во поединечни автобуси, но се води континуирана грижа за ваквите ситуации и се постапува согласно со утврдените процедури за отстранување на дефектите – се правдаат од ЈСП.
Тие велат дека континуирано водат грижа и за хигиената во автобусите, дека редовно се чистат и одржуваат возилата пред вклучувањето во сообраќај, согласно со утврдените процедури и планови за одржување.
(А. П.)












