Унгарскиот министер за транспорт и инвестиции, Давид Витези, ја критикуваше имплементацијата на проектот за брза железница Белград-Будимпешта, велејќи дека за време на изградбата се направени сериозни грешки и дека бројни прашања остануваат нерешени. Зборувајќи во унгарскиот парламент, Витези го доведе во прашање начинот на кој Унгарија и Србија го управувале развојот на овој проект.
„Дали Унгарија и Србија навистина успеале да го насочат развојот на железничката врска меѓу Белград и Будимпешта на правилен начин? Одговорот е веројатно негативен“, рече тој, пренесува „Данас“.
Тој ја наведе недоволната поврзаност на важните транспортни центри, вклучувајќи го Меѓународниот аеродром во Будимпешта, Кечкемет и Сегед, како еден од проблемите. Затоа, тој повика на поголема транспарентност и вклучување на надлежните институции во проценката на проектот.
„Исто така, потребно е да се побара мислење од надлежните институции и да се обезбеди целосна транспарентност“, нагласи Витези.
Тој верува дека кинеските власти треба да го одобрат објавувањето на целосната документација поврзана со проектот.
„Треба да се побара дозвола од кинеските власти договорите, нивните измени и целата придружна документација да бидат јавно достапни, како и податоците за трошоците и фактурите“, рече унгарскиот министер.
Витези предупреди дека, и покрај напредокот на работата, бројни технички и безбедносни проблеми сè уште не се решени.
„Ситуацијата сè уште не е целосно решена. Иако завршувањето на железничките работи е одложено поради одредени проблеми, бројни технички и безбедносни прашања остануваат отворени. Системите за безбедност и управување со железничкиот сообраќај сè уште не се целосно ставени во функција“, рече тој.
Додаде дека затоа се во тек дополнителни тестови и проверки кои се неопходни за железничкиот систем безбедно да функционира.
„Овие процедури сè уште не се завршени, што предизвикува дополнителни доцнења“, рече Витези.
Тој нагласи дека безбедноста мора да биде приоритет и дека железницата не може да се стави во функција сè додека не ги исполни сите пропишани стандарди.
„Сигурно е дека системот не може да се стави во функција, ниту може целосно да се плати сè додека не се докаже дека ги исполнува сите пропишани безбедносни стандарди“, рече тој.
Тој особено го истакна проблемот со големиот број на железнички премини, поради што проектираната брзина нема да се постигне на сите делници.
„Железницата беше проектирана за брзини до 200 километри на час и затоа беше изградена речиси како сосема нова траса. Сепак, останаа голем број на железнички премини, што е сериозен недостаток. Затоа, во пракса, проектираната брзина не може целосно да се искористи“, објасни тој.
Како што наведе, токму поради овие нерешени прашања ќе мора да се намали брзината на одредени делници од трасата.
„Со други зборови, ја изградивме железницата за 200 километри на час, но на одредени делници брзината ќе биде ограничена на 160 километри на час токму поради овие нерешени премини“, рече Витези.
Заклучувајќи ја својата презентација, унгарскиот министер оцени дека проектот е оптоварен со низа недостатоци.
„Поради сето ова, може да се каже дека во овој проект се направени грешки на повеќе нивоа“, заклучи Витези.












