Легендарниот хрватски тенисер, Горан Иванишевиќ, се најде во центарот на сериозна правна драма, откако против него е поведена истрага за наводно даночно затајување во вредност од околу 1,2 милиони евра.

Според хрватскиот неделник „Национал“, кривичната пријава била поднесена кон крајот на 2024 година од неговата поранешна сопруга Татјана Драговиќ, а случајот веќе се наоѓа пред надлежните институции во Загреб.

Како што пренесуваат медиумите, Општинското кривично државно обвинителство во Загреб спроведува истрага поврзана со финансиски трансакции преку заедничка банкарска сметка на поранешните сопружници во Монако. Наводно, преку таа сметка поминале милионски исплати поврзани со професионалните ангажмани на Иванишевиќ, вклучувајќи го и периодот кога беше дел од тимот на Новаќ Ѓоковиќ.

Случајот доби дополнителна тежина по неодамнешната првостепена пресуда во граѓанската постапка што самиот Иванишевиќ ја поведе против Драговиќ. Поранешниот шампион на Вимблдон бараше 2,47 милиони евра, тврдејќи дека станува збор за неплатен долг, но судот не ги прифати неговите аргументи.

Според достапните информации, во текот на постапката не биле доставени сите побарани банкарски изводи, поради што судското вештачење не можело целосно да се реализира. Од друга страна, Драговиќ ја доставила документацијата со која располагала.

Обвинителството потврдува дека истрагата е во тек, но поради законските процедури не се откриваат дополнителни детали. Засега нема обвинение, а конечната одлука ќе зависи од доказите што ќе бидат собрани во наредниот период.

Инаку, Иванишевиќ беше тренер на Новак Ѓоковиќ речиси пет години, период во кој српскиот ас освои дури 12 гренд слем титули и испиша дел од најуспешните страници во својата кариера. Сега, наместо поради тениските успеси, славниот Хрват е во фокусот поради случај кој може да има сериозни последици за неговата репутација.

 

ИЗДВОЕНИ