вторник, јули 21, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ИАКО СЕ НАЈАВУВАШЕ ВО ЈАВНОСТА, СИНОДОТ НЕ РАСПРАВАШЕ ЗА НОВАТА РЕОРГАНИЗАЦИЈА: Зголемувањето...

ИАКО СЕ НАЈАВУВАШЕ ВО ЈАВНОСТА, СИНОДОТ НЕ РАСПРАВАШЕ ЗА НОВАТА РЕОРГАНИЗАЦИЈА: Зголемувањето на бројот на епархии ќе почека

Според сознанијата, на последната синодска седница за која се најавуваше дека ќе биде поставено барањето да се изврши поделба на Европската епархија, тоа не се случи. „Ниту владиката Петар не го поведе тоа и покрај најавите во јавноста“ – ни изјави еден владика што сакаше да остане анонимен

73

Поделбата на Европската епархија на МПЦ-ОА на повеќе делови не била тема на неодамнешната седница на Светиот синод на МПЦ-А, и покрај најавите дека ќе се случи тоа. Според сознанијата на весникот ВЕЧЕР, на дневниот ред воопшто и не била поставена таква точка, иако во претходниот период имало повеќе најави за такво нешто. Преспанско-пелагонискиот митрополит Петар, во повеќе интервјуа дадени пред седницата, категорично најавуваше дека ќе изнесе такво барање бидејќи смета дека актуелниот европски митрополит Пимен веќе не може сам да ја врши функцијата. Но, и покрај тоа, за време на седницата, тој не го започнал тоа прашање.

– Немаше такво барање за да расправаме за поделба на Европската епархија на повеќе делови. Се зборуваше за други теми, но не и за тоа. Ниту владиката Петар не го започна тоа, и покрај најавите во јавноста – ни изјави еден владика што сакаше да остане анонимен.

Во синодското соопштение беше наведено дека владиците расправале за идејата да се формира фонд за помош на многудетни семејства, го актуализираа прашањето на лошата заштита на црквите и манастирите од надлежните државни органи и изврши избор на нови членови во потесниот состав на Синодот. Биле усвоени и извештаите за работата на епархиите во изминатава година. Синодскиот портпарол, епископот Климент, беше недостапен за да одговори на прашањата врзани за останати теми за кои било зборувано меѓу македонските владици.

Во своите јавни телевизиски настапи, владиката Петар најави дека на синодската седница ќе бара формирање на уште две епархии на местото на постојната Европска епархија. Во гостувањето на ТВ Алфа, владиката Петар сега на тапет го зема владиката Пимен, за кого вели дека треба да му биде одземена Европската епархија, бидејќи тој не управувал канонски со неа. Петар тврдеше дека Пимен 10 години не отишол во Англија, дека не знае што се случува во Малта, дека наместо во Европа, тој епархијата ја води со седиште во Скопје. Дополнително, владиката Петар вели дека таа епархија има 500.000 верници, што се премногу за еден владика.

– На еден владика од дијаспората, не може седиштето да му биде во Скопје. Зборувам конкретно за Европската епархија, која има преку 500.000 верници. А другите цркви во Европа имаат шест-седум епархии, а ние сме со една епархија. Значи, почнуваме процес пред Синодот за формирање на други епархии во дијаспората. Ако сме 500.000 во Европската епархија, извинете, но не може со еден архијереј. Откако Дедо Пимен е поставен на таа епархија, 10 години не стапнал во Англија. А таму има четири црковни општини. А каноните велат дека ако еден архијереј не стапне шест месеци во својата епархија, во конкретниот случај држава, му се одзема епархијата. Е па сега не може да седите во Скопје, да управувате со цела Европа – рече тогаш владиката Петар.

Петар го нарече Пимен и „лажен владика“, алудирајќи на моментот дека тој се извинил за повикот да се гласа на Референдумот, бидејќи бил излажан. На ваквите негови тврдења, немаше одговор од надлежниот митрополит Пимен.

МПЦ-ОА секогаш ја приспособувала својата организациска поставеност на потребите на населението. Со децении, таа шема беше во рамките на седум епархии во земјава и три во странство. Но, потоа се случи поделбата на дотогаш единствената Полошко-кумановската и на Австралиско-новозеландската епархија. Се случи и создавањето на три нови малечки епархии со цел да се примат достоинствениците на ПОА по историскиот договор со СПЦ. Со тоа, бројот на епархиите нарасна на 15. Пред неколку години, Синодот имал и барање до американско-канадскиот митрополит Методиј да организира црковен живот и во Јужна Америка, но тоа не се заврши за да се прошири епархијата, а тој да добие и титула на „јужноамерикански митрополит“. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ