среда, септември 9, 2026
Дома БАЛКАН Словенија се откажува од „деветолетката“

Словенија се откажува од „деветолетката“

0

Словенечкиот министер за образование, наука и млади Борут Рончевиќ во вторникот најави сеопфатна реформа на училишниот систем, која вклучува укинување на деветгодишното основно образование и постепено воведување на преобликувано осумгодишно основно училиште од учебната 2028/2029 година.

Одлуката за обемната реформа следуваше по објавувањето на најновите резултати од меѓународното истражување ПИСА 2025, кои покажаа значителен пад на постигањата на словенечките петнаесетгодишници.

Рончевиќ состојбата во образовниот систем ја оцени како „многу лоша, а трендот катастрофален“, наведуваат словенечките медиуми.

Реформата, покрај враќањето на осумгодишниот модел, предвидува воведување повисоки критериуми при оценувањето, зајакнување на работната етика, растеретување на наставните програми со нагласок на разбирање на материјалот, како и давање поголема поддршка за талентираните ученици.

Според денеска објавеното истражување ПИСА 2025, просечните постигања на учениците во Словенија се најниски од почетокот на спроведувањето на ова тестирање. Во областа на природнонаучната писменост резултатите се околу просекот на земјите од ОЕЦД, додека во математичката и читачката писменост паднаа под просекот.

За споредба, пред три години словенечките ученици заостануваа само во читачката писменост, додека во математика и природни науки беа над просекот на ОЕЦД.

Подеталната анализа покажува дека основното ниво на математичка писменост го оствариле 65 проценти од учениците. Значително поголем пад е забележан во читачката писменост, каде што основното ниво го достигнале 64 проценти од учениците (наспроти просекот на ОЕЦД од 69 проценти), додека највисокото ниво на читање го оствариле само 3 проценти од учениците.

Најдобриот резултат е задржан во природните науки, со 76 проценти од учениците на основно ниво.

Како клучни причини за негативниот тренд се наведуваат прекумерната употреба на дигитални уреди, попречувањето на наставата и падот на концентрацијата.

Дури 40 проценти од учениците наведуваат дека нивните врсници на часовите не ги слушаат наставниците, 22 проценти истакнуваат дека дигиталните уреди зачестено ги попречуваат во следењето на наставата, додека 48 проценти од учениците користат алатки за вештачка интелигенција за изработка на училишните задачи.

Дополнителен проблем претставува и хроничниот недостаток на наставен кадар. Само 17,5 проценти од учениците во Словенија посетуваат училишта во кои директорите не го истакнуваат недостигот од наставници како пречка во работата, што е значително под просекот на ОЕЦД кој изнесува 28,8 проценти.

Од Синдикатот за воспитание, образование, наука и култура на Словенија реагираа на објавените податоци предупредувајќи дека лошите резултати се директна последица на повеќегодишното занемарување и недостатокот на системски вложувања во образовниот кадар.

ИЗДВОЕНИ