Во пресрет на почетокот на подготовките за четвртото Европско првенство во низа на машката сениорска одбојкарска репрезентација, селекторот Јошко Миленкоски го објави поширокиот список на кој се најдоа 18-мина одбојкари.
Поголеми изненадувања или промени во изборот нема, а Миленкоски стандардно се потпира на оние репрезентативци што го носеа товарот и досега. За разлика од настапот во Европската лига 2026, на списокот недостига младиот среден блокер, Митко Спасов, кој ќе има обврски со У20-селекцијата во зонските квалификации за Европското првенство 2027, како и либерото Ване Арапов.
Првиот собир на репрезентацијата е закажан за петти август напладне, во хотелот „Монтана“ во Крушево, каде што екипата ќе го одработи првиот дел од подготовките за Евроволеј 2026.
Европското првенство ќе се одржи од 9 до 26 септември, во Италија, Бугарија, Романија и во Финска.
Македонија е во групата Б во Софија, каде што, покрај домаќинот Бугарија (со кој го отвора првенството на 9 септември), за противници ги има и селекциите на Полска, Украина, Португалија и на Израел.












