Случајот со загадувањето на водата во гостиварскиот водовод и илјадниците граѓани кои побараа медицинска помош, епидемијата и забраната за секаква употреба доби значително внимание во странските медиуми, пренесува порталот Гостивар пресс.мк
Во изминатите денови за здравствената криза во Гостивар известуваа најмалку 30 медиуми од Франција, Италија, Русија, Германија, Австрија, Швајцарија, Албанија, Малта, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција, Украина, Азербејџан, Малезија, Катар и други земји.
Меѓу првите меѓународни медиуми што информираа за случајот беше берлинскиот деловен медиум bne IntelliNews, кој објави дека сомнежите за загадување на водата предизвикале сериозна здравствена загриженост и забрана за користење на водата од градскиот водовод.
За резултатите од лабораториските анализи и истрагата подоцна пишуваше и Balkan Insight, наведувајќи дека анализите покажале сериозно бактериско загадување и дека повеќе од 3.000 жители побарале медицинска помош.
Случајот доби голема видливост и преку француската новинска агенција AFP. Нејзината вест беше пренесена од повеќе странски медиуми, меѓу кои францускиот Le Parisien, Times of Malta, малезискиот Malay Mail и катарскиот The Peninsula.
Значаен одек случајот доби и во Русија, каде што за состојбата во Гостивар известуваше државниот дневен весник „Российская газета“. Во текстот објавен под наслов „Во Северна Македонија прогласена епидемија во градот Гостивар“, медиумот информира за повеќе од 3.000 граѓани кои побарале медицинска помош, забраната за користење на водата, откривањето на пумпата поврзана со водоводниот систем и истрагата за случајот.
Повеќе прочитајте на Гостивар.пресс.мк












