Како одговор на тековната нестабилност на меѓународните цени, компанијата ОКТА го продолжува попустот што им се нуди на големопродажните и на малопродажните трговци до 6 април, годинава. Дополнително, попустот за дизел од вчера се зголеми од 2 на 3 денари по литар.
– Оваа доброволна иницијатива на ОКТА има за цел да им овозможи на трговците да ја пренесат оваа бенефиција на крајните купувачи во земјава. Трговците на големо и мало имаат целосна слобода самостојно да ги дефинираат своите цени, согласно со нивната комерцијална политика. Со продолжувањето на мерката и со засилената поддршка за дизелот, компанијата повторно ја потврдува својата посветеност кон стабилноста на пазарот, сигурното снабдување и долгорочното партнерство со трговската мрежа во Република Македонија – соопштија од ОКТА.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска, рече дека со обезбедениот дополнителен попуст за дизелот, цените на горивата остануваат стабилни.
– Преземените мерки од страна на Владата, во комбинација со конкретни чекори од економските оператори, даваат резултати – цените на горивата се стабилизирани, а ценовниот притисок е значително ублажен.
Во таа насока, ОКТА ја продолжува иницијативата за попусти на горивата и по првично предвидениот рок на крајот на март, при што мерката ќе трае до 6 април. Како дел од ова продолжување, попустот за дизел се зголемува од 2 на 3 денари по литар, обезбедувајќи дополнителна поддршка за потрошувачите и придонесувајќи кон стабилизација на пазарот – истакна Божиновска.
Според неа, клучна улога во стабилизирањето на цените има и владината мерка за намалување на ДДВ за горивата од 18 % на 10 %, која обезбеди директно намалување на цените за 6 до 7 денари по литар и спречи дополнителен ценовен шок.
Таа нагласи дека снабдувањето со горива се одвива непречено, државните резерви се стабилни, а сите надлежни институции се во постојана координација и вршат засилени контроли на пазарот.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека Владата реагираше навремено и одлучно за да ги ублажи директните удари врз граѓаните и економијата.
– Донесовме мерка за намалување на ДДВ за бензините и за нафтата, со што директно се влијае на намалување на ценовниот притисок врз домаќинствата и стопанството. И покрај овие ценовни шокови, имаме убедливо најниска цена на бензините и на дизел-горивото во регионот, што создава дополнителен притисок од страна на граѓаните од соседните држави. За повеќе од 10 % е зголемен конзумот на бензин и дизел-гориво на нашите бензински пумпи во пограничните области со Албанија, Косово, Србија и Грција. Граѓаните од соседите точат гориво тука, зашто, кај нас, во некои случаи, цената е пониска и до половина евро за литар. За разлика од минатото кога, како земја коленичевме и молевме за помош, сега ние сме тие што генерираат стабилност и даваат помош – истакна Мицкоски.
Тој потсети дека нафтоводот е во целосна функција, што претставува дополнителна сигурност, а исто така складовите се полни, и имаме државни резерви за околу шеесетина дена.
– Според мои информации, дел од околните аеродроми се снабдуваат со керозин од ОКТА, односно откај нас. Се разбира, предизвици има и ќе има. Ние ќе ги решаваме и тие предизвици – истакна премиерот.
На новинарското прашање дали се размислува да се пуштат резервите на мазут за производство на струја, тој одговори потврдно.
– Во овој момент размислуваме, но добивме и информација дека оние количества што требаше да се повлечат на крајот од минатата година, кога беше прогласена кризна состојба, околу 3.000 тони, не се целосно повлечени. Така што, можеби ќе ја оживееме таа одлука, да се повлечат тие количества, па потоа евентуално би оделе со нова одлука. Директорот на АД ЕСМ ме информираше дека не само што ги задовoлуваат потребите на граѓаните и конзумот туку и продаваат струја навечер, со што имаме дополнителни приходи од страна на потрошувачите – нагласи Мицкоски.
Се очекува цената на горивата да има влијание врз инфлацијата, но не големо!
Премиерот Христијан Мицкоски очекува зголемувањето на цената на горивата да има влијание врз инфлацијата, но не големо. Според него, Владата засега интервенира директно од Буџетот зашто вистински се грижи за граѓаните, но има и друг план за следни чекори ако, евентуално, кризата ескалира. Мицкоски истакна дека вчера берзанските цени на бензините премиум безоловен и дизел, паднаа за десетина проценти.
Споредено со првите пет дена од претходната недела, сега, оваа недела, се втор ден пониски. Ако вака продолжат до петок, идниот понеделник ќе има дури и намалување на цената на горивата. Но, да ги почекаме податоците за трошоците за живот. Ние интервенираме директно од Буџетот и сме една од ретките земји што го прави тоа. Има држави што прават привид, ги качуваат акцизите, тоа е товар директно на горивото за 100 – 200 отсто, па намалуваат 50 отсто. Не, ние директно го намалуваме данокот, тоа што го собира државата. Покажуваме дека оваа Влада се грижи за граѓаните директно од Буџетот, а не со трикови – ќе ги качиме акцизите двојно, па потоа ќе ги намалиме за 20 – 30 проценти. Тоа е разликата меѓу одговорна Влада и влади кои прават привид. Ние сме една од ретките, можеби има уште две-три во Европа кои интервенираат таму – нагласи Мицкоски.
(С. Бл.)












