Во ЦК „Mарко Цепенков“ во Прилеп, на 27 април, од 19:30 часот, ќе се одржи концерт насловен „Мевлем“. Проектот „Мевлем“ e уникатен спој на авторската музика и на поезијата од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа. Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, ги препознава искреноста, длабочината и убавината. Музичкиот состав што учествува во „Мевлем“ е составен од музичарите Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело и од самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас. Во програмата се вбројуваат композиции што се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и кон современата поезија. Меѓу композициите се: „Прегратки“, „Чекорејќи низ небото“, „Рингишпил“, „Лечебна“, „Понекогаш на тебе помислувам“, „Коприва“, „Што се случи со љубовта“, „Вечност“, „Бескрајна песна“, „Мевлем“, „Мигови“, „Вечно дете“, „Копнеж“ и „Убав човек“, како и композициите „Матанго“, „Ја излези“ и „Old bazaar“, кои се наменети за триото виолина, виола и виолончело.
Концертот, за кој влезот е слободен, е поддржан од Министерството за култура и туризам.












