– Јавноста до 15 мај ќе има можност да ужива во делата на младите уметници на тема „Пејзаж“ како инспирација. Ова е класична и привлечна тема погодна за сите возрасти – од прва година средно училиште, па сè до факултет. Како мотив е честа тема во творештвото на уметниците, присутен и близок на сите – вели авторот на проектот и едукатор во Националната галерија, Ацо Таневски. Тој посочува дека во „Мала станица“ ќе може да се видат над стотина дела на средношколците и на студентите од цела држава
Во мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје, отворена е традиционалната манифестација од областа на ликовната уметност – 16. Младински пролетен салон, кој секоја година привлекува голем интерес кај учесниците, како и кај љубителите на ликовната уметност. Јавноста до 15 мај ќе има можност да ужива во делата на младите уметници на тема „Пејзаж“ како инспирација. Проектот е дел од програмата на Националната галерија во рамките на едукативното одделение и е поддржан од Министерството за култура и туризам. На изложбата, во трите сали на „Мала станица“, се презентирани стотина дела на учениците од повеќе средни училишта, како и на студентите од факултетите од целата држава, меѓу кои и Факултетот за ликовни уметници, Европски универзитет – Скопје и други. Автор на проектот е едукаторот во Националната галерија, Ацо Таневски.
– Кога се вработив во Националната галерија како едукатор, се роди идејата за една ваква ликовна манифестација. Покрај другите активности, забележав дека претходно постоеја републички манифестации во организација на Сојузот на ликовните педагози на Македонија, поврзани со празниците како 13 Ноември или 11 Октомври. Сепак, тие манифестации беа маргинализирани и на некој начин згаснаа. Се појави простор и потреба за натпревар помеѓу сите училишта во државата. Ова е, всушност, 18 година по ред како што се одржува, но поради пандемијата на корона-вирусот, две години не се случи, па затоа сега е 16. издание. Манифестацијата се прошири, се поставија правила и пропозиции, а изложбата е селективна. Секоја година се менуваат просторот, темата и мотивот – вели Таневски, кој е и селектор на делата, кои, пак, се во најразлична техника и големина.

Инаку, како што вели Таневски, пејзажот е класична и привлечна тема погодна за сите возрасти – од прва година средно училиште, па сè до факултет. Како мотив е честа тема во творештвото на уметниците, присутен и близок на сите. Младинскиот пролетен салон, пак, е можност за социјализација и интеграција на младите низ дружење, забава и едукација. На најуспешните учесници годинава им беа доделени награди и признанија од жири-комисијата.
Гран-прито годинава го доби Ирена Ристиќ од ДСУЛУД „Лазар Личеноски“.
Во рамките на изложбата доделени се и прва, втора и две трети награди. Првата награда ја доби Дамјан Стојановски од ДСУЛУД „Лазар Личеноски“. Второто место го освои Стефанија Таневска од СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“, додека третото место го делат Дона Арсова од ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ и Изабела Андриевска од Гостивар. Наградата за колекција ја добија студентката Ива Ефремова и средношколката Ирис Радевска.
За најдобар педагог, пак, е награден Сашо Саздовски, професор во СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“.
Инаку, наградените ученици и студенти добиваат пакет производи што се поврзани со уметноста, како платна, бои, четки, штафелај…
– Интересот за учество на Пролетниот младински салон е голем од страна на учениците и на студентите, па така имавме и години кога беа пријавени и над илјада дела, со тоа што овој пат еден ученик можеше да се пријави и со три или четири дела, а за училиште бројката беше до 30 дела. Интересно е што секоја година имаме учесници, како и студенти, од сите делови на Македонија – вели Таневски. (Д. Т.)












