четврток, јуни 4, 2026
Дома СВЕТ Метеор од седум тони експлодира над САД

Метеор од седум тони експлодира над САД

67

Метеор тежок околу седум тони прелета над делови од САД и се распадна во атмосферата, предизвикувајќи силен звук налик на експлозија што вознемири илјадници жители. Настанот се случи во вторникот, над подрачјето на Кливленд, а многумина помислија дека се случила вистинска детонација во близина.

Според Американското метеорско друштво, бучавата и светлосниот феномен биле забележани на огромна територија – од Висконсин до Мериленд, на растојание поголемо од 1.000 километри. На почетокот, експертите претпоставувале дека станува збор за многу помал објект, со големина најмногу колку тениско или кошаркарско топче, но подоцнежните анализи покажале сосема поинаква слика.

НАСА соопшти дека метеорот имал дијаметар од околу 1,83 метри и дека се движел со брзина од 72.420 километри на час. Првпат бил забележан на височина од околу 80 километри над езерото Ири, по што минал повеќе од 55 километри низ горната атмосфера пред да се распадне над Вали Сити, во сојузната држава Охајо. При распаѓањето, тој ослободил енергија споредлива со 250 тони ТНТ, што го објаснува силниот ударен бран што го почувствувале и метеоролозите во Кливленд. Иако се претпоставува дека е можно да има мали остатоци, засега нема официјални извештаи за пронајдени фрагменти.

Научниците велат дека вакви појави не се толку ретки како што изгледаат. Според нив, метеорити погодуваат делови од САД речиси секојдневно, додека помали честички од вселената навлегуваат во атмосферата многу почесто.

ИЗДВОЕНИ