„По разводот, не го вратив моето моминско презиме. Останав Димитровска, за да го делам истото презиме со мојот син, Лазар. Тие потписи мене не ми значат многу, но имам чувство дека понатаму во животот ќе ми значи да имам исто презиме со синот“
Македонската рок-принцеза, како што нагалено ја ословуваат, пејачката Дани Димитровска, која сè уште ја има задржано својата убавина, сепак од поодамна ја нема да се јави со некоја нова песна. Освен со онаа со која последен пат ја слушавме при крајот на минатата година. А, Дани е таква, секогаш знае пријатно да изненадува. Објави фотографија на која е без шминка, во многу природно издание.
Максимално ужива во антицелулитна масажа, а тоа ѝ е потребно не само за да изгледа посвежо туку за да има и сила за новите настапи во живо.
Инаку, Дани долг период беше цел на муабети околу своите брачни партнери. Иако првиот брак ѝ пропадна, пејачката продолжи да живее со крената глава: – Едноставно, супер што се случи тоа. А, супер е и што не е веќе така. Само размислував од оваа временска дистанција, дека го имам синот Лазар, (кој има магистрирано на Универзитетот во Ајндховен), раскажа Дани во „Животна приказна“.
– И тоа е едно најдобро искуство, нешто најубаво што ми се случило. Воедно, мислам дека сум една од ретките познати жени што сè уште го има презимето на поранешниот сопруг. Не го сменив, не го вратив моето моминско презиме. Јас сум Димитровска, по презимето на Јоцо. Останав Димитровска не поради таа врска, поради брачната состојба, туку за да го делам истото презиме со мојот син. Тие потписи мене не ми значат многу, но имам чувство дека понатаму во животот ќе ми значи да имам исто презиме со мојот син. Ние сме како институција, објасни Дани. Таа првпат се омажи прилично млада, на 20 години, а потоа, на 21 година стана горда мајка добивајќи го синот Лазар, за кој денес гордо им раскажува на новинарите.
Дани, во меѓувреме, стапи во втор брак, со Горан Веселиновски, познат по прекарот Весел. Свадбата им беше скромна но, прекрасна, и сите зборуваа за тоа дека супер си поминале. Невестата Дани тогаш беше облечена во бели панталони, во комбинација со бела ролка без ракави и со карнери. А, потоа се преслече, па имавме можност да ја видиме и во бела венчаница со длабоко деколте и гол грб. Младоженецот Горан носеше класична бела кошула. Сè на сè, прекрасно за очите, а со полно срце радости. Весело, како што е и самиот прекар на згодниот поранешен кошаркар.
(Д. М.)












