Мета започна со инсталирање на софтвер за следење на работните компјутери на своите вработени во Соединетите Американски Држави за собирање податоци за движењата на глувчето, кликовите, притискањата на копчињата и снимките на екранот.
Според Ројтерс, овие податоци ќе се користат директно за обука на вештачка интелигенција во рамките на одделот за суперинтелигенција на Мета.
Софтверот ќе ја следи работата исклучиво на одредена листа на деловни апликации и веб-страници,се наведува во интерното соопштение на компанијата, што го пренесоа медиумите. Менаџментот на компанијата го објасни потегот како неопходен чекор кон развој на напредни агенти за вештачка интелигенција.
Сегашните модели на вештачка интелигенција сè уште не можат верно да ја имитираат основната активност на корисникот на компјутер, како што е навигација низ паѓачките менија или користење кратенки на тастатурата.
Мета им порачува на вработените да придонесат за развојот на технологијата едноставно со извршување на нивните дневни задачи, со ветување дека нивните чувствителни податоци ќе бидат заштитени.
Оваа стратегија доаѓа во време кога Мета драстично ги зголемува инвестициите во вештачка интелигенција, со планирани капитални расходи од 135 милијарди долари до 2026 година.
Во исто време, компанијата се соочува со неизвесност поради најавените масовни отпуштања, објавува Fortune.
Извештаите сугерираат дека дури 20 проценти од работната сила би можеле да ги изгубат своите работни места, а првиот бран отпуштања во „Мета“ се очекува веќе во мај, пренесува Танјуг.












