Светското првенство веќе пишува историја како прво мундијалско издание со 48 репрезентации, но покрај новиот формат, вниманието го привлекуваат и фудбалерите што и во петтата деценија од животот продолжуваат да играат на највисоко ниво.
Меѓу најстарите учесници на турнирот има вистински легенди на светскиот фудбал, а интересно е што дури ни 38-годишниот Лионел Меси не успеа да се најде на листата со најстарите 11-мина фудбалери на шампионатот.
На врвот од листата е шкотскиот голман Крег Гордон, кој на 43 години и понатаму е дел од националниот тим. Неговата приказна е уште поневеројатна ако се знае дека неодамна добил предупредување од лекарите за сериозни здравствени ризици, но, сепак, успеал да се врати и да настапи на Светското првенство.
Веднаш зад него е Кристијано Роналдо. Португалската суперѕвезда има 41 година и повторно е дел од најголемата светска сцена. Откако мислеше дека Катар ќе биде неговото последно Светско првенство, Роналдо уште еднаш покажа дека речиси не постојат граници за него.
Во елитното друштво е и мексиканската легенда Гиљермо Очоа, која на 40 години е дел од своето шесто Светско првенство, додека Лука Модриќ продолжува да ги поместува границите и покрај бројните физички предизвици.
Босанската икона Един Џеко, германскиот капитен Мануел Нојер, голманот на Зеленортските Острови – Возиња, како и уругвајскиот ветеран Фернандо Муслера, исто така, се меѓу највозрасните учесници на турнирот.
На листата се и поранешниот дефанзивец на Интер, Јуто Нагатомо, и еквадорскиот чувар на мрежата, Ернан Галиндес, кои и натаму играат важна улога во своите репрезентации.
Додека помладите генерации ја претставуваат иднината на фудбалот, овие ветерани покажуваат дека искуството, лидерството и квалитетот сè уште може да бидат пресудни на најголемата сцена. Светското првенство во САД, Канада и во Мексико уште еднаш потврдува дека годините не мора да бидат пречка за врвни настапи кога станува збор за вистинските шампиони.











