Познатиот француски тениски тренер, Патрик Муратоглу, повторно ја разбранува спортската јавност со својата анализа за најдобрите тенисери на сите времиња. Иако јасно порача дека Новак Ѓоковиќ и понатаму е најголемиот тенисер во историјата, тој изнесе тврдење кое сигурно нема да им се допадне на сите љубители на тенисот.

Поранешниот тренер на Серена Вилијамс смета дека актуелните ѕвезди Јаник Синер и Карлос Алкарас можеби веќе играат на повисоко ниво од она што некогаш го достигнале легендарните Роже Федерер, Рафаел Надал и Ѓоковиќ.

Муратоглу објаснува дека „Големата тројка“ го подигнала тенисот на невидено ниво и дека секој од нив во најдобрите денови изгледал речиси непобедливо. Сепак, спортот постојано се развива, а современата физичка подготовка, новата технологија и опремата придонесуваат за поинаков и побрз тенис.

Французинот направи и интересни споредби меѓу генерациите. Според него, Алкарас е своевидна „верзија 2.0“ на Федерер, бидејќи поседува слична тениска магија, но е физички посилен и побрз.

Од друга страна, Синер го споредува со „Ѓоковиќ 2.0“. Италијанецот, според неговата анализа, ја удира топката порано, реагира побрзо и игра со поголема агресивност од онаа што ја демонстрираше српскиот ас во својот најдобар период.

Сепак, Муратоглу не смета дека ваквите споредби ја намалуваат големината на легендите. Напротив, тој нагласува дека Ѓоковиќ останува најдобриот тенисер на сите времиња, пред сè поради своите достигнувања и неверојатната долговечност.

Неговата главна порака е дека тенисот можеби влегува во нова ера, во која Синер и Алкарас ја поместуваат границата на она што се сметало за можно. Дали навистина се подобри од најдобрите изданија на Федерер, Надал и Ѓоковиќ останува тема за голема дебата.

ИЗДВОЕНИ