-Струшките вечери на поезијата, поетски дом, кој веќе 65 лета поврзува меридијани, го соединува и обединува светскиот поетски сој со љубителите и почитувачите на убавата реч во старата, но витална Струшка бунтовна република на поетите, кои се борат за подобар и похуман живот. Шест и пол децении сме благословени да бидеме домаќини на мајсторите на јазикот и алхемичарите на мислата, преточувајќи ги во естетика и етика, истакна вечерва од Струга претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, покровителка на фестивалот, прогласувајќи ги за отворени јубилејните 65. Струшки вечери на поезијата.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, пак, посочи дека поезијата отсекогаш била еден од најсигурните начини на кои човештвото разговара со својата совест.

-Во стихот се зачувани стравовите и надежите на епохите, сеќавањата на народите и вечната човечка потрага по смисла. Оттаму произлегува и нејзината трајна вредност: таа не нуди готови вистини, туку го проширува хоризонтот на нашето разбирање за светот и за самите себе си, истакна Љутков.

Годинашното јубилејно 65. издание на најпрестижната поетска манифестација, „Струшки вечери на поезијата“, кое ќе се одржи од 24 до 29 јуни, е под мотото „Каде што живее поeзијата“. Околу 70 поети, критичари, преведувачи и литературни работници од земјава и од странство имаат единствена можност да творат, да се инспирираат и да создаваат нови стихови покрај брегот на Охридското Езеро и водите на реката Црн Дрим, во амбиент што со децении ги обединува поетите и љубителите на литературата од сите меридијани.

Покрај лауреатот на највисокото фестивалско признание „Златен венец“, Анеке Брасинга од Холандија, добитникот на наградата „Мостови на Струга“, британскиот поет Даниел Хајндс, на јубилејното фестивалско издание ќе учествуваат еминентни поети од Македонија, Грција, Турција, Бугарија, Австралија, Албанија, Холандија, Италија…

 

ИЗДВОЕНИ