недела, ноември 15, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Крај на онлајн манипулациите? ЕУ подготвува нови правила, милионски казни за технолошките...

Крај на онлајн манипулациите? ЕУ подготвува нови правила, милионски казни за технолошките компании

Крај на бесконечното прелистување, комплицираните откажувања на претплати и скриените трошоци за интернет?

0

Европската комисија предлага нови правила за поголема заштита на потрошувачите на интернет, а технолошките компании што ќе ги прекршуваат би можеле да се соочат со казни до шест проценти од нивниот годишен глобален промет.

Предлогот, наречен Закон за дигитална праведност (DFA), има за цел да ги ограничи манипулативните практики на интернет, да обезбеди поголема транспарентност на цените и да ја зајакне заштитата на децата во дигиталниот простор.

Меѓу предвидените мерки се забрана на таканаречените „мрачни шеми“, со кои компаниите ги наведуваат корисниците на непланирани купувања, како и задолжително јасно прикажување на цените. Предлогот предвидува и можност корисниците да ги исклучат функциите што поттикнуваат зависничко однесување, како и построги правила за рекламирањето преку инфлуенсери.

Паралелно, Европската комисија предлага измени на правилата за соработка во заштитата на потрошувачите, со кои би добила поголеми овластувања за истраги и директно изрекување казни во случаи што ги засегаат граѓаните во повеќе земји членки.

Компаниите за кои ќе се утврди дека ги прекршиле правилата би можеле да бидат казнети со до шест проценти од нивниот вкупен годишен глобален промет. Целта е побрзо решавање на прекуграничните случаи и поефикасна контрола врз големите технолошки компании.

Новите правила се дел од пошироките напори на ЕУ за регулирање на дигиталниот пазар и за поголема одговорност на интернет-платформите за заштитата на потрошувачите.

Предложениот европски Закон за дигитална правичност предвидува забрана на манипулативните практики на интернет, познати како „темни обрасци“ (dark patterns), со кои корисниците се наведуваат на брзи и непланирани купувања. Меѓу нив се лажните известувања дека производот е речиси распродаден, како и функциите што поттикнуваат зависничко однесување, како бесконечното скролање и автоматското пуштање видеосодржини.

Новите правила треба да обезбедат и потранспарентно прикажување на цените, вклучително и кај билетите за спортски и културни настани, како и кај виртуелните валути во видеоигрите. Посебна заштита е предвидена за децата, преку ограничување на таканаречените „loot box“ пакети, кои функционираат по принцип на игри на среќа, и механизмите што ги поттикнуваат малолетниците да трошат пари за напредување во игрите.

Предлогот предвидува и полесно откажување на онлајн претплати, задолжителни известувања пред истекот на бесплатните пробни периоди и автоматско претворање во платени претплати само со изрична согласност на корисникот. Компаниите би морале да овозможат и контакт со вистинско лице во корисничката поддршка, наместо комуникација исклучиво преку четботови.

За првпат се предвидуваат и посебни правила за инфлуенсерите, кои ќе мора јасно да ги означуваат платените и комерцијалните објави. Ќе биде забрането и искористувањето на довербата на децата за рекламирање.

Според проценките на Европската комисија, примената на новите правила би можела да спречи финансиски загуби на потрошувачите од 88,4 милијарди евра во периодот од 2025 до 2035 година.

Предлог-законот сега треба да помине низ разгледување во Европскиот парламент и владите на земјите членки пред да стане дел од европското законодавство.

ИЗДВОЕНИ