недела, ноември 15, 2026
Дома СВЕТ Британците очекувале нуклеарен напад врз НАТО: Шпионски авиони 17 пати прелетале над...

Британците очекувале нуклеарен напад врз НАТО: Шпионски авиони 17 пати прелетале над руската енклава

1

Во октомври, два британски извидувачки авиони од типот „Ривет џоинт“ (Rivet Joint) полетаа 17 пати за да ги следат руските воени активности – првенствено околу Калининград. Ова се случи откако Москва се закани со употреба на нуклеарно оружје доколку НАТО се обиде да ја отсече оваа енклава, пренесува „Дејли мејл“.

Според податоците за летовите, анализирани од британскиот весник, авионите полетувале од базата на Кралските воздухопловни сили (RAF) „Вадингтон“ во Линколншир, која претставува центар за разузнавање и извидување на британското воено воздухопловство.

Авионите во повеќе наврати кружеле околу Калининград – руска воена ексклава сместена меѓу Полска, Литванија и Балтичкото Море – а исто така вршеле и постојани патроли долж границите на НАТО со Русија и Белорусија.

Бројот на летови во октомври бил четири пати поголем отколку во мај, кога биле извршени четири вакви мисии.

Министерството за одбрана на Обединетото Кралство не ја коментираше операцијата, а конкретната цел на мисијата останува непозната. Експертите сметаат дека авионите собирале податоци за руските комуникации и сигнали, со цел да се процени сериозноста на руската закана.

„Невообичаено е што во тој период таму биле насочени толку многу активности“, изјави за „Дејли мејл“ неименуван висок претставник од одбранбениот сектор. Изворот додаде дека ангажирањето на толку вреден ресурс укажува на специфична разузнавачка потреба, за која било проценето дека може да ја задоволи само авионот „Ривет џоинт“. Мисијата уследи по нотата што Русија ѝ ја испрати на НАТО на 30 септември, во која предупреди дека е подготвена да го употреби целиот свој арсенал – вклучително и нуклеарно оружје – доколку членките на Алијансата се обидат да ја изолираат Калининградската област од остатокот на земјата.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, тогаш изјави дека Путин знае оти никогаш не може да го победи НАТО, сугерирајќи дека заканата не треба да се сфати премногу сериозно. Подоцна, Путин изјави дека е подготвен за војна, додавајќи дека доколку работите отидат предалеку, нема да има победник.

Калининград, кој се наоѓа на околу 400 километри од остатокот на Русија, служи како седиште на руската Балтичка флота. Таму се распоредени ракетни системи „Искандер-М“ – способни да носат нуклеарни боеви глави – како и системи за противвоздушна одбрана „С-400“. Полска и некои други сојузници стравуваат дека, во случај на војна, Москва би можела од оваа локација да започне напади длабоко во територијата на Европа.

Во Гвардејск, на приближно 32 километри од полската граница, Русија исто така ја завршува изградбата на нов радарен објект кој се состои од три антенски системи, секој со должина од околу 500 метри. Радарот е дизајниран за откривање ракети и воздухоплови на оддалеченост од илјадници километри, како и воени бродови кои се наоѓаат зад хоризонтот.

Аналитичарите забележуваат дека авионите од типот „Rivet Joint“ редовно вршат надзор над Калининград, но интензитетот на летовите во октомври бил невообичаен.

Филип Инграм, поранешен полковник од британското воено разузнавање, оцени дека овој засилен надзор испраќа јасна порака до Русите: тие се под надзор. Според него, опремата на авионот, кој е долг 41 метар, прибира радио и електронски сигнали, што помага во утврдувањето на начините за попречување на противвоздушната одбрана, таргетирање на радарите, па дури и прислушување на разговорите меѓу руските команданти.

Извор запознаен со операциите на овие авиони изјави дека ваквиот концентриран надзор е крајно невообичаен и дека мора да бил предизвикан од некој конкретен настан, со оглед на тоа што Калининград одамна е темелно мапиран и следен. Сепак, извор од Кралските воздухопловни сили (RAF) тврди дека станува збор за рутинска операција и дел од поширок придонес кон источното крило на НАТО.

Минатиот месец, британскиот министер за одбрана Вес Стритинг предупреди дека Обединетото Кралство има 1.000 дена да се подготви за војна, а владата ги повика граѓаните да направат залихи од храна и вода за случај на вонредна состојба, пренесува Кликс.ба.

ИЗДВОЕНИ