петок, јуни 26, 2026
Дома МАГАЗИН Македонија под вршник со: „Пивофест“, „Тиквешки гроздобер“, Јордан Митев, Марјан Коцев, Жељко...

Македонија под вршник со: „Пивофест“, „Тиквешки гроздобер“, Јордан Митев, Марјан Коцев, Жељко Самарџиќ, “Нокаут“, Милица Павловиќ, Сергеј Ќетковиќ, Буба Корели, диџеј Галовски….

0

Македонија ова лето ќе се разладува со концертите и со настапите на многу популарни имиња од светот на естрадата. Па така, од 17 до 19 јули, Прилеп пак ќе биде домаќин на една од најпосетените летни манифестации во Македонија – популарниот „Пивофест“. Тој со години претставува еден од најзначајните туристички и забавни настани во Македонија, привлекувајќи десетици илјади посетители, со што придонесува за промоција на градот Прилеп, неговата гастрономија, културата и на препознатливите брендови. Организаторите најавуваат уште едно незаборавно фестивалско издание. Тридневниот фестивал ќе се одржи во центарот на градот под Марковите кули и ќе понуди богата музичка програма, со препознатливата прилепска скара и ладно прилепско пиво како заштитен знак. Тоа ќе биде незаборавна забава за самите жители и за нивните гости од странство.

Фестивалот ќе стартува во петок, на 17 јули, со настапите на диџеите, на „Bongas & Guitares“, Огнен Здравковски и на српската музичка ѕвезда, Џенан Лончаревиќ. Во сабота, на 18 јули, на сцената ќе настапат групата „Локдаун“, нашиот Јордан Митев и една од најпопуларните пејачки на Балканот, фолкерката Милица Павловиќ. Завршната фестивалска вечер ќе биде на 19 јули и таа ќе донесе уживање со настапите на популарниот македонски фолк-пејач Марјан Коцев, прилепскиот состав „The Hounds“ и на далматинска мегамузичка ѕвезда, Јелена Розга. Покрај програмата на главната сцена, посетителите ќе може да уживаат и во програмата на камената бина, каде што ќе се претстават прилепски музичари, бендови и локални диџеи.

Малку подалеку, во Охрид, ова лето, на 31 јули, публиката ќе има можност во живо да ужива во концертот на популарното хип-хоп-дуо од Босна, Јасмин Фазлиќ – Амар Хоџиќ, на сите познати по уметнички имиња Јала Брат и Буба Корели. Во Македонија доаѓаат по подолга пауза, и тоа по серијата распродадени концерти во Загреб, Цирих, Диселдорф… Со концерт од тој тип продолжуваат во Охрид. Се очекува дека тоа ќе биде вечер исполнета со спектакуларна продукција, енергија и со хитови што со години доминираат на хип-хоп топ-листите. Публиката ќе има можност да ги слушне во живо нивните најголеми хитови, меѓу кои: „Она` e“, „Баленсијага“, „Мафија“, „Гасолина“, „99“, „Бејби“…

Никако не смееме да го заборавиме и концертот на ултрапопуларниот црногорски пејач, Сергеј Ќетковиќ. Тој на 9 август ќе пее во Охрид, на сцената на култниот Антички театар. Публиката ќе има можност да ужива во концертот на харизматичниот Сергеј, кој не само што има хит “Ма, пусти проблеме“, туку и убаво пее и духовито комуницира со присутните. – Охрид, за мене, има посебна душа. Секогаш кога настапувам во тој град, чувствувам дека пеам пред пријатели, а не пред публика. Античкиот театар е приказна сама за себе. Тоа е место што ја носи македонската историја, што носи емоција и некаква посебна магија вели среќниот Сергеј.

На крај, за крај на летото, како што бидува, традиционално останува да се одржи големиот и добро познат „Тиквешки гроздобер 2026“. Од 4 до 6 септември. Неодамна Советот на Општина Кавадарци, како вистинска винска престолнина, официјално ја усвои програмата за годинашното издание. И оваа година ќе понуди добра тридневна забава исполнета со музика, традиција, вино, гастрономија и со незаборавни спомени. Центар на сите случувања ќе биде Градскиот плоштад во Кавадарци. Според програмата, посетителите може да ги очекуваат настапите на некои од најактуелните музички имиња од поранешна Југославија и од Македонија.

Во петок, на 4 септември, фестивалската атмосфера ќе ја загреат македонскиот состав „Зи Бомб“, регионалната трап-сензација Де Вито („човек со скриена фаца“) и светски популарниот диџеј, Галовски. Саботната вечер, на 5 септември, ќе донесе комбинација од македонски поп и рок-звук. На сцената ќе настапат групите „Дупер“ и „Нокаут“. Кулминацијата околу полноќ ќе се случи со тричасовниот концерт на балканската ѕвезда, романтичниот српски поп-пејач Жељко Самарџиќ. Големото затворање на „Тиквешки гроздобер 2026“ е резервирано за недела, 6 септември, кога публиката ќе има можност да ужива во концертните настапи на Грандовата музичка секси ѕвезда, Џејла Рамовиќ, и на популарниот Пеѓа Јовановиќ. Точно во 1:00 часот по полноќ, небото над Кавадарци ќе биде осветлено со спектакуларен огномет. Но, „Тиквешкиот гроздобер“ ќе има и дополнителна, интересна програма, која засега останува како изненадување за сите. Како, на пример, детското карневалско дефиле, кое ќе биде збогатено со музичката програма на диџеј Боно.   (Д. М.)

 

ИЗДВОЕНИ