Пред последното коло од Групата Д на Светското првенство, социјалните мрежи се преплавени со шпекулации околу натпреварот меѓу Австралија и Парагвај, кој, според многумина, би можел да донесе резултат што им одговара на двата тима.
Според различните математички пресметки што кружат на Интернет, нерешениот исход би можел да им ги отвори вратите на нокаут-фазата и на Австралија и на Парагвај. Австралијците би ја задржале својата позиција во групата, додека Парагвај би останал во конкуренција меѓу најдобрите третопласирани селекции.
Токму поради тоа, навивачите на другите репрезентации почнаа гласно да изразуваат сомнеж. Најмногу реакции доаѓаат од Босна и Херцеговина, чија судбина делумно зависи и од случувањата во оваа група.
Особено внимание привлекуваат сценаријата со резултати како 2:2 или 3:3, кои, според некои пресметки, би можеле значително да влијаат на рангирањето на третопласираните тимови. Затоа на социјалните мрежи веќе се појавија повици ФИФА внимателно да го следи натпреварот.
Сепак, засега нема никакви докази дека постои договор меѓу Австралија и Парагвај. Станува збор исклучиво за шпекулации и теории базирани на можните комбинации пред последното коло.
Ваквите приказни не се новост на големите турнири. Кога знаат два тима дека им одговара одреден резултат, секогаш се појавуваат сомнежи и дебати, без разлика дали ќе има на крајот нешто спорно на теренот.
Сега сите очи ќе бидат вперени кон овој дуел. Секој потег, секоја тактичка одлука и секој гол ќе бидат анализирани до најситен детаљ, додека навивачите во светот ќе бараат одговор на едно прашање: дали ќе гледаме обичен фудбалски натпревар или меч што ќе отвори нови контроверзии на Светското првенство?











