Околу 45 проценти од работоспособните, но неактивни жени не бараат вработување поради домашните обврски и обврските поврзани со грижата, во споредба со само четири проценти од неактивните мажи. Овој број не е прашање на индивидуален избор, туку последица на длабоко вкоренети општествени очекувања и недоволно развиени јавни услуги за поддршка на семејствата, беше нагласено на тркалезната маса „Бескрајната смена: репродуктивен труд, домашна работа и мајчинство“, која се одржа во четвртокот, во „Јуроп хаус“ – Струга
Околу 45 проценти од работоспособните, но неактивни жени не бараат вработување поради домашните обврски и обврските поврзани со грижата, во споредба со само четири проценти од неактивните мажи. Овој број не е прашање на индивидуален избор, туку последица на длабоко вкоренети општествени очекувања и недоволно развиени јавни услуги за поддршка на семејствата, беше нагласено на тркалезната маса „Бескрајната смена: репродуктивен труд, домашна работа и мајчинство“, која се одржа вчерa, во „Јуроп хаус“ – Струга.
Притоа, беше изнесен и податокот дека мажите во Македонија поминуваат 18 пати помалку време од жените во извршување домашни обврски и грижа за семејството. Во фокусот на дискусијата беше непрекинатата, но честопати невидлива „втора смена“ што многу жени ја продолжуваат во домот и по завршувањето на своите професионални обврски.
Покрај физичката работа, учесничките на тркалезната маса зборуваа и за таканаречениот ментален товар: постојаното планирање, организирање и координирање на семејниот живот, грижата за децата и емоционалната поддршка на членовите на семејството.
Учесничките споделија и лични искуства за тоа како влијаеле родовите улоги врз нивните животи уште од младоста, како и за општествените критики со кои се соочуваат жените кога не успеваат да ги исполнат сите очекувања поврзани со мајчинството, домот и професионалниот успех.
Оттука произлезе и главната порака дека домашната работа, мајчинството и грижата не смеат да останат невидливи и непропорционално префрлени врз жените.
На тркалезната маса беше наведено и дека постигнувањето вистинска рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот бара промена не само во домот туку и во законите, институциите, локалните политики и општествените очекувања.
Дискусијата ја водеше Шефкије Аласани-Дика, шефица на Кабинетот на градоначалникот на Струга, која истовремено учествуваше на панел-дискусијата. Преку лично сведоштво, таа зборуваше за значењето на партнерската поддршка во заедничкото одгледување на децата и споделувањето на домашните обврски, истакнувајќи дека токму тоа било клучно за да може да ја гради својата кариера и да извршува одговорна функција во локалната самоуправа.
Заменик-шефицата на мисијата на Амбасадата на Чешка во Скопје, Андреа Штајнер Вотавова, ја претстави Директивата на Европската Унија за рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот, како конкретен модел за воведување споделено родителско отсуство. Таа нагласи дека грижата за детето не треба да се третира исклучиво како обврска на мајката, туку како заедничка родителска и општествена одговорност.
Докторката Билјана Кузмановска, специјалистка по интерна медицина и кардиологија во Општата болница во Струга, зборуваше за физичките и за менталните предизвици при усогласувањето на професионалната кариера во високостресна средина со традиционалните очекувања жената да остане главен носител на домашната грижа. Како самохрана мајка, таа сподели и лично искуство за предизвиците со кои се соочувала во балансирањето меѓу професионалните и семејните обврски, нагласувајќи дека успехот бара огромна посветеност, истрајност и силна лична организација.
Беше нагласена и потребата од законско препознавање на споделеното родителско отсуство, кое сè уште не е целосно регулирано во актуелната правна рамка како еднакво право на двајцата родители. Истовремено, беа нагласени и законските ограничувања со кои се соочуваат самохраните родители.
Настанот беше дел од националниот карван „Носи ја промената“ (Wear the Change), инициран од Делегацијата на Европската Унија, амбасадите на земјите членки на Европската Унија (Team Europe) и мрежата на „Јуроп хаус“.
Кампањата, која започна на 8 Март, се реализира во повеќе градови во државата и отвора директни и јавни разговори за структурната родова еднаквост и за граѓанското учество.
Карванот „Носи ја промената“ продолжува низ државата, создавајќи простор за јавни разговори за родовата еднаквост, споделената одговорност и за учеството на граѓаните во креирањето поправедно општество.












