петок, јули 17, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Водата во Гостивар не е за пиење, се истражува дали диви пумпи...

Водата во Гостивар не е за пиење, се истражува дали диви пумпи го контаминирале водоводниот систем кај Вруток

Болницата се полни со граѓани со симптоми поврзани со водата за пиење

67

Гостивар се соочува со сериозен здравствен аларм откако стотици граѓани побараа лекарска помош со симптоми на стомачни заболувања, а надлежните институции почнаа истрага за можната поврзаност со водата за пиење. Додека болниците се полнат со пациенти, а лабораториите ги испитуваат земените мостри, обвинителството и полицијата проверуваат сомнежи дека со незаконски поставени пумпи кај Вруток можело да биде нарушена безбедноста на водоснабдителниот систем на градот. Резултатите од анализите треба да покажат дали водата е причина за здравствените проблеми, но истрагата веќе отвори прашања кој и под кои услови интервенирал во системот за снабдување со вода за пиење.Во меѓувреме водата за пиење од градските чешми е забранета.

На Гостивар му се заканува сериозна здравствена криза откако истрагата отвори сомнеж дека со диво поставени пумпи за зголемување на притисокот бил контаминиран водоснабдителниот систем. Болничките ходници се полнат со пациенти со повраќање и дијареја, Институтот за јавно здравје испитува мостри од водата, а обвинителството и полицијата утврдуваат дали загадена вода завршила во градскиот водовод и дали некој ќе понесе кривична одговорност.

Најтешката слика доаѓа од ЈЗУ Општа болница „Д-р Ферид Мурад“, каде што во само неколку дена лекарска помош побарале меѓу 1.000 и 1.200 граѓани. Поради огромниот прилив на пациенти, болницата го засилила медицинскиот персонал на одделенијата каде што притисокот е најголем.

„Во врска со епидемијата која се шири во Гостивар овие три до четири дена, имаме голем број пациенти на кои им е дадена медицинска помош, поради што направивме и зајакнување на медицинскиот персонал во одделенијата каде има голем број на пациенти. Поголемиот број од пациентите се со исти симптоми – повраќање, дијареја, болки во желудникот, температура, омалаксаност и други гастроинтестинални тегоби. Најголем број од пациентите се примени на Инфективното одделение, Детското одделение и во Ургентната единица. Во овие денови во ЈЗУ Општа болница „Д-р Ферид Мурад“ – Гостивар со вакви симптоми се пријавени околу 1.000 до 1.200 пациенти. На сите им е дадена соодветна медицинска помош и терапија. Ова известување го испраќаме затоа што бројот на пациенти е далеку над вообичаениот број што го има нашата установа“, соопштија за весникот Вечер од болницата.

Основното јавно обвинителство Гостивар отвори предмет и почна со прибирање докази по пријавата од полицијата дека постои сомнеж оти водата за пиење во Гостивар е загадена од три пумпи за посилен притисок поставени од градскиот Водовод и општината. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Ненад Савески, изјави дека се преземаат конкретни истражни дејствија во кои се вклучени сите надлежни институции.

„Се преземаат конкретни истражни дејствија во кои се вклучени сите потребни институции за да се утврди фактичката состојба. Треба да се утврди дали станува збор за евентуален кривично-правен настан или за прашање кое ќе се разгледува и од други аспекти. Надлежниот јавен обвинител постапува по предметот и прибира информации од сите релевантни институции. Не би сакал да избрзувам со правна квалификација околу случајот. Дејствијата се преземаат токму денес и очекувам информации од надлежниот обвинител, така што не би било благодарно од ова место да определувам правна квалификација наместо него. Прво треба да се утврди дали постојат основи за постоење на кривично дело, а потоа и за каков вид кривично дело евентуално станува збор“, изјави Савески.

По наредба на надлежниот обвинител, екипи на Институтот за јавно здравје зедоа мостри за физичко-хемиски и микробиолошки анализи. Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, за ВЕЧЕР изјави дека резултатите се очекуваат во рок од 48 часа по поставувањето на примероците на анализа.

„Веднаш по добиениот налог од обвинителот излеговме на терен и земавме мостри за испитување на водата, поставени се за анализа во петокот после три сабајле веднаш по враќање од терен, резултатите се очекуваат по 48 часа од тој момент, вели Андоновска.  Од Центарот за јавно здравје, Гостивар потврдија дека се земени примероци од четири мерни места, а резултатите треба да покажат дали водата е причината за масовните здравствени проблеми.

По добиените информации, Агенцијата за храна и ветеринарство донесе времена забрана за употреба на водата од гостиварскиот водовод сè до добивањето на лабораториските резултати.

„ Со надзорот утврдено е дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение поставена е пумпа која директно вбризгува вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем. За да се спречи поголема опасност за населението од овој регион, АХВ издаде времена забрана за употреба на водата за пиење се до добивање на резултатите од лабораторското тестирање со кое ќе се потврди нејзината безбедност“, информираат од АХВ

Ноќта меѓу четвртокот и петокот истражните екипи со часови вршеле увид кај извориштето во Вруток, каде што, според полицијата, бил откриен спорниот систем од пумпи. Министерството за внатрешни работи објави информации кои отвораат сериозни сомневања за начинот на кој функционира градскиот систем за водоснабдување.

„ Постојат основи на сомневање дека Јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот. Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните на Гостивар. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“ од член 219 од Кривичниот законик. Во расчистувањето на случајот, покрај полицијата и обвинителството, веднаш се вклучија Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина, како и лиценциран судски вештак кој треба да изврши стручна процена на незаконски поставениот систем“, соопштија за ВЕЧЕР од СВР Тетово.(П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ