Вчеравечер, во Кавадарци пристигна група деца на возраст од 10 до 16 години, од најпогодените воени подрачја во Украина, кои во наредните 10 дена ќе престојуваат во Михајлово.
Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, информираше дека е подготвена богата програма за нив, исполнета со спортски активности, културни настани, едукативни содржини, излети и дружења, со цел да поминат квалитетно време, да стекнат нови пријателства и да имаат убави спомени од својот престој во Кавадарци.
Престојот е поддржан од градоначалникот Јанчев и од компанијата „Кожувчанка“, која и оваа година ги потврдува својата општествена одговорност и својата хуманост.
Во реализацијата на програмата ќе бидат вклучени и повеќе институции, спортски клубови и организации од Општината, кои ќе придонесат овие десет дена да бидат исполнети со содржини, дружење и позитивни искуства.












