Актуелната состојба со пожарите и подготвеноста за навремено и ефикасно дејствување била тема на денешнот состанок на Штабот за заштита и спасување на Општина Гевгелија.
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, информираше дека бил ставен акцент на преземањето превентивни мерки за намалување на ризикот од појава и ширење на пожари, при што сите институции, согласно со своите законски надлежности, биле задолжени да ги преземат неопходните активности и да обезбедат максимална координација и присуство на терен во претстојниот период.
– На состанокот беше отворено и прашањето за сè почестата појава на штетен дивеч на територијата на Општина Гевгелија, особено кај земјоделските површини и полските насади, каде што се предизвикуваат штети на земјоделските култури на граѓаните. Ги разгледавме можните мерки и активности што ќе бидат преземени во рамките на законските надлежности на институциите, со цел изнаоѓање решение за намалување на последиците од оваа појава – потенцира Сарамандов.












