Секогаш урнебесен, повеќекратно наградуван и кој никогаш не се воздржува кога треба остро да ги „боцне“ нелогичните размислувања, општествените апсурди и интелектуалната апатија што го обликуваат светот околу нас… Еден од најбескомпромисните комичари на денешницата, светски познатиот Амос Гил, на 21 јули го отвора 8. Интернационален фестивал „Летниот маратон на комедијата 2026“ во Охрид, во рамките на кој, до 13 август, публиката ќе има можност да ужива во 21 стендап-шоу.

Австралискиот стендап-комичар доаѓа во Македонија со своето најново и наградувано соло шоу „Бледиот, досаден, хетеросексуален бел маж“, кое освен во Центарот за култура во Охрид, на 22 јули ќе биде изведено и во „Паблик рум“ во Скопје. Неговиот хумор е директен, брз и брутално смешен, без филтри и без забранети теми. Познат по сарказмот што не простува и опсервациите што ги погодуваат сите „недопирливи“ теми на модерното секојдневие, Гил е комичар што еднакво умее да насмее, да изненади и да испровоцира. Стендап-артистот важи за едно од најзначајните имиња на современата австралиска комедија. Зад себе има распродадени турнеи низ Австралија, САД и Велика Британија, како и долгогодишна соработка со Џим Џефрис на неговите меѓународни турнеи.

Инаку, „Летниот маратон на комедијата“ од 21 јули до 13 август ќе се одржи на седум различни локации во Охрид и Струга.

Според еден од организаторите на маратонот на комедијата, Филип Ангеличин Жура, радува фактот што фестивалот од година во година расте, а покрај веќе познатите локации, по пауза од четири години, се враќа и пловењето со бродот „Армада“.

– Финалното шоу ќе се одржи на стадионот Билјанини Извори во Охрид, а настапи ќе има и во уште еден град, соседна Струга, посочи Ангеличин Жура.

Никола Тодороски, пак, кој е исто такa дел од организаторите, но и учесник на маратонот, и кој годинава одбележува 15 години работа како стендап комичар, ја откри програмата.

– Фестивалот почнува со шоуто на Амос Гил, кое е на англиски јазик и ќе биде изведено во Центарот за култура во Охрид. На 23 е шоуто во „Куба Либре“, „Треба да разговараме“ со популарните на социјалните мрежи „Син на мајка“ и „Еден човек“. На 24 јули е шоуто „2 Mothers Brothers“ и „2 Cousins во Monastery Winery“ во Опеница. ​На 25 јули, во „Синема фуд и бар Струга“, е настапот на Небојша Грујиќ, со шоуто насловено „Криза средних година“. ​Понатаму, на 29 во „Џез ин“, е популарното шоу „На лагата“, со Душан Петровски и Бојан Кирковски. Во Струга, на 7 август, настапува интернационалниот гостин Бранко Крсмановиќ со шоуто „Аниматор по кафичима“. ​Завршуваме со финалното шоу кое се вика „Опстанок“, на 13 август, на стадионот Билјанини Извори. Секоја година гледаме да испочитуваме по некој јубилеј, а оваа година славиме 15 години од мојата работа како стендап комичар. Гостуваат Тино, Атанас и Никола Сиљаноски, вели Никола Тодороски, еден од организаторите и учесник на маратонот, кој посочи дека идејата била да се направи едно големо финале, шоу на кое ќе може да присуствува голем дел од публиката во Охрид и пошироко.

Дел од програмата на „Летниот маратон на комедијата“ е и шоуто „Open Mic“ на 12 август за сите оние што сакаат да се пробаат на сцената.

И Стрезо Стаматоски е дел од програмата на маратонот со театарската претстава „Импровокација“ во Центарот за култура во Охрид и шоуто „2 Mothers Brothers“. И двата настани се со историја долга повеќе од една декада „2 Mothers Brothers“ почна како комично кабаре заедно со Никола Тодороски, а од пред неколку години учествуваат и т.н. 2 Cousins, односно Никола Јосифовски на пијано и Јане Тодороски на бас.

Според Стаматоски, ова е, всушност, музичко кабаре, комично, вариете, каде што има преработки на песни, нови текстови, оригинални песни, моменти на скеч комедија, моменти на стендап комедија…

Во рамките на маратонот ќе има и вечери посветени на „Best of“, „Sex show“, „Comedy jam“, Црн хумор… формат за кој е заслужен актерот и стендап-комичарот Тодоровски. ​„Best of“ е настан со најдобрите шеги, а Comedy jam – со нов материјал… (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ