Општина Центар континуирано работи на одржување на јавните површини, зеленилото и на инфраструктурата за вода, со фокус на летниот период.
Од вкупно 11 јавни чешмички што се под надлежност на Општина Центар, девет се целосно функционални, додека на другите две се санираат дефекти, информираа општинските власти.
– Во рамките на овие активности, се поставува нова чешмичка на улицата „Орце Николов“, која претходно не беше во функција поради дефект и беше исклучена поради поплавување на околниот простор. Нашата цел е водата за пиење да биде достапна за граѓаните во овој жежок период, зеленилото редовно да се полева и да се одржува и да се обезбеди хигиена. Старите чешмички делумно ги заменивме со нови, иноксни, а имавме и неколку состаноци со ЈП „Водовод и канализација“. Поставени се и водомери на нив, како што беше побарано од Општината, со цел да обезбедиме нивно непречено функционирање – истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Од Општина Центар додаваат дека во изминатиот период биле заменети седум стари чешмички со нови иноксни, со модерен дизајн.
– Истовремено, редовно се одржуваат и системите за автоматско наводнување, а дефектите што се појавуваат на дневна основа редовно се санираат од страна на надлежните служби. За одржување и за санирање на оваа инфраструктура, од предвидениот буџет во висина од три милиони денари, досега се исплатени 998.752 денари – нагласуваат од локалната самоуправа.












