Националниот парк „Маврово“, во соработка со „EDS Energy Delivery Solutions“, реализираше порибување на Мавровското Езеро со 460 килограми крап, донација од компанијата EDS.
Оваа активност претставува значаен придонес кон зачувувањето и унапредувањето на рибниот фонд, како и кон одржливото управување со природните ресурси во Националниот парк.
Порибувањето се реализира во пресрет на Светското првенство во спортски риболов на крап, кое ќе се одржи на Мавровското Езеро, со цел дополнително збогатување на рибниот фонд и обезбедување подобри услови за развој на спортскиот риболов.
Воедно, од НП „Маврово“ ги потсетуваат сите спортски риболовци дека крапот е под времена забрана за спортски риболов до завршувањето на Светското првенство.
Притоа, апелираат до сите посетители да ги почитуваат донесените мерки, додека Службата за заштита на природата при НП „Маврово“ спроведува засилени контроли на терен.
Во две акции, пролетва, езерото беше порибено со над 4 тона крап.
Светското првенство во лов на крап на Мавровско Езеро, според најавите, треба да се одржи од 2 до 5 септември 2026 година и е еден од најголемите спортско-риболовни настани што ќе се одржат некогаш во Македонија.












