Актуелниот шампион во Мото ГП, Марк Маркес, е успешно опериран во Мадрид, по тешкиот пад што го доживеа на спринт-трката во Ле Ман. Неговиот тим, Дукати, потврди за него дека бил подложен на две хируршки интервенции.

Маркес заработи фрактура на петтата метатарзална коска на десното стапало, по незгодниот пад на патеката, а дополнително се здоби и со бројни модринки. Сепак, имаше среќа да избегне посериозни последици откако опасно се превртуваше мотоциклот веднаш покрај него.

Покрај операцијата на стапалото, Маркес ја искористи можноста да го реши и долгогодишниот проблем со рамото. Според соопштението на Дукати, лекарите извршиле дополнителна интервенција на неговото десно рамо, каде што биле отстранети два шрафа и фрагмент од коска од претходната операција во 2019 година.

Од тимот објаснија дека старите импланти предизвикувале компресија на радијалниот нерв, а болките повторно се појавиле по падот на Големата награда на Индонезија, минатата сезона.

  • Двете операции поминаа успешно и Маркес сега се одмора и закрепнува – соопшти италијанскиот тим.

Во моментов нема точна прогноза за неговото враќање на патеката, но во Дукати се надеваат дека, доколку оди рехабилитацијата според планот, тој би можел повторно да настапи на трката во Муџело, од 29 до 31 мај.

ИЗДВОЕНИ