– Предизвиците на новото време – глобализацијата, новите технологии и вредносните ориентации, ѝ даваат на културата карактеристики на исклучително развојна сфера за целокупниот современ развој. Улогата на државата е да ги стимулира, да ги помага, да ги унапредува и да ги развива културните односи во општеството. Во функција на целосна интеграција на културата, приоритетно е таа да се третира како дел од сите развојни планови на државата. Развојот на културата не е само обврска и интерес на културниот сектор, туку и на сите други сектори. Затоа тој треба да се интегрира во другите сектори, а тие во културниот сектор. На овој начин се дефинира „одржливиот културен развој“, посочи министерот за култура, Зоран Љутков, на отворањето на јавната расправа по нацрт-текстот за Националната стратегија за развој на културата (2026 – 2030), што вчера се одржа во Музејот на македонската борба во Скопје.
Тој истакна дека Министерството е свесно за алармантната состојба со потребниот кадар и затоа приоритет ќе биде и вработувањето и едукацијата, а автономијата во културата, пак, што ќе се обезбеди со преобликување на мрежата на национални установи и децентрализацијата, е уште една приоритетна област. Одговарајќи на новинарско прашање, тој посочи дека нема да има укинување на институциите во културата, туку нивна современа реорганизација. Оптимизацијата на националните установи, додаде, значи фузирање на одредени институции што немаат капацитет да продолжат да работат, со друга установа која има потреба од таков вид услуга.
– Не се отпуштаат носителите на дејности, напротив, ќе се зголемува бројот на вработени, посебно во фокус ќе бидат стручните кадри, а не административниот кадар. Никој нема да биде отпуштен од работа. Едноставно, едната институција се фузира со другата и со заеднички сили ќе функционираат многу подобро, а нашиот фокус ќе биде стручниот кадар во културата. Примерот веќе го има и во Националната стратегија и во документот за реорганизација. Неколку, дел од новите што се формирани пред, ми се чини 2023 година, формирани без консултација и стручна анализа и потреба зошто се формираат, се останати на по еден вработен, а тие, реално, се дел од манифестациите. Значи, имате манифестација што работи три дена во годината, а во планот за вработување, со систематизацијата некаде 25 до 30 работни места. Значи, за нас е многу поважно таа институција да не се угасне, туку да влезе под одредена веќе постојна институција како одделение или како сектор во рамки на институцијата. Верувајте, ќе функционира многу подобро отколку вака независно и самостојно, објасни Љутков.
Инаку, според Љутков, Стратегијата идентификува пет приоритети: поттикнување и негување на квалитетот и разновидноста на креативните изрази во уметностите; заштита и одржливо користење на културното наследство; преобликување на моделите на управување во културата: Институционална автономија како основа за развој; дигитализација во културата и дигитална трансформација и културата како ресурс за креативен, социјален и економски напредок.
– Националната стратегија ќе има оперативна функција со донесувањето на Акцискиот план за спроведување на Националната стратегија. Министерството за култура и туризам ќе биде обврзано еднаш годишно да доставува извештај до Собранието за степенот на реализација на новата Стратегијата која ќе ги дефинира долгорочните и системски конципирани културни политики и приоритети во сообразност со водечките глобални и меѓународни развојни стратегии (ОН, УНЕСКО, ЕУ), а Годишната програма ќе биде инструмент за нивна имплементација, додаде на крајот Љутков.












