Учениците од основното училиште „Дане Крапчев“ во населбата Ченто го освоија второто место во светот, на престижниот натпревар „First Lego League“ во роботска игра.
– Во конкуренција на 55 држави и над 1.000 ученици од целиот свет, нашиот тим, со 525 освоени бода, се искачи на светскиот врв и покажа дека Македонија има млади умови што може рамноправно да се натпреваруваат со најдобрите. Ова не е само успех. Ова е доказ дека трудот, знаењето, упорноста и љубовта кон науката создаваат шампиони – соопштија од Општина Гази Баба.
Оттаму додаваат дека овие млади гении седум месеци живееле за својот сон, поминувале низ предизвици, учеле, создавале, верувале и не се откажале во ниту еден момент.
Од Општината упатија честитки и огромна благодарност до наставничката по информатика, Марина Пејковска, која, како што велат, со огромна посветеност, знаење и љубов седум месеци го водела тимот кон овој историски успех.
– Честитки и до неуморните ментори, кои со својата енергија, организацијата и визијата ја претвораа секоја идеја во реалност. Но, и за родителите, кои беа најсилната поддршка, мотиватори и ветар в грб на овие деца, на патот кон светскиот успех. Нека овој успех биде мотивација за сите млади луѓе да веруваат во себе, да сонуваат големи соништа и храбро да чекорат кон нивното остварување – нагласија од Општина Гази Баба.












