четврток, септември 24, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Само петмина инспектори ја контролираат безбедноста на производите на пазарот

Само петмина инспектори ја контролираат безбедноста на производите на пазарот

12

Недостиг на инспектори, нецелосно воспоставени електронски регистри, слабости во контролата на безбедноста на производите и пропусти во финансиското и материјалното работење се дел од неправилностите што ги утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР) во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) за 2024 година.

ДПИ во текот на годината извршил 28.263 инспекциски контроли: 21.108 редовни, 5.106 вонредни и 2.049 контролни. Контролите ги спроведувале 148 инспектори, односно само 47 отсто од вкупно 313 систематизирани работни места. Дополнително, пет одделенија немале раководител.

Ревизијата утврдила дека сè уште не се воспоставени регистрите и информацискиот систем за управување со инспекцискиот надзор, а апликацијата „Е-инспектор“ не е целосно ставена во употреба. ДПИ нема ниту единствена и целосна електронска база на податоци со методологија за процена на ризикот, што ги отежнува планирањето и следењето на инспекциските активности.

Има проблеми и во кадровското екипирање. Во периодот од јануари до октомври 2024 година, биле донесени 19 решенија за распоредување без обезбедени средства во буџетот и без да бидат предвидени во годишниот план за вработување. Во декември таа година, биле поништени 17 одлуки.

Особено слабости се констатирани во Одделението за инспекциски надзор за безбедност на производите. Од предвидените 14 работни места, на крајот од 2024 година биле пополнети само пет.

Во периодот од 2022 до 2025 година, со поддршка од меѓународни проекти, биле вршени лабораториски анализи во странство, врз основа на кои биле повлечени 40 производи од пазарот. ДЗР, сепак, укажува на неизвесност дали ќе продолжат овие контроли по завршувањето на проектите, поради ограничените средства во буџетот на ДПИ.

Утврдени се недостатоци и во чувањето на одземените предмети. ДПИ нема соодветни објекти за нивно складирање до предавањето на Агенцијата за управување со одземен имот.

Има пропусти и во финансиското и материјалното работење. Пописот на средствата и обврските не бил целосно спроведен, а во материјалната евиденција не биле евидентирани канцелариски материјали во вредност од 1,107 милиони денари, обрасци поврзани со инспекцискиот надзор во вредност од 791 илјада денари и автомобилски гуми во вредност од 249 илјади денари.

Поради утврдените состојби, ДЗР изразил неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на ДПИ, додека за усогласеноста со законската регулатива дал мислење со резерва.

ДЗР препорачал зајакнување на човечките ресурси, воспоставување електронски регистри и информациски систем, подобрување на финансиската и материјалната евиденција, унапредување на инспекциските постапки, обезбедување соодветни услови за чување на одземените предмети и обезбедување континуирани контроли на безбедноста на производите.

ДЗР ја нотира и статусната промена на ДПИ, кој, по законските измени, продолжува да функционира како орган во состав на Министерството за економија и труд, без својство на правно лице.

ИЗДВОЕНИ