Грег Попович, еден од најлегендарните тренери во историјата на НБА, повторно го пронајде љубовниот мир на 77-годишна возраст. Според извештаите на американските медиуми, долгогодишниот тренер на Сан Антонио Спарс се оженил со Мери Барт Буденхолцер, поранешната сопруга на неговиот долгогодишен помошник Мајк Буденхолцер. Свадбата наводно се одржала на 16 септември во Тексас, во кругот на мал број блиски луѓе, а деталите за тоа колку долго траела нивната врска досега не се познати.
Попович и Мери се познаваат со години токму поради долгогодишната соработка на Попович со Мајк Буденхолцер. Буденхолцер беше дел од стручниот штаб на Спарс од 1996 до 2013 година и во тој период со тимот од Сан Антонио освои четири шампионски прстени како помошник-тренер. Подоцна изгради успешна кариера како главен тренер, водејќи ги Атланта Хокс, Милвоки Бакс и Феникс Санс, а со Милвоки во 2021 година ја освои и својата петта шампионска титула.
Интересно е што Попович и Мери наводно биле забележани заедно на натпревар во текот на минатата сезона, но во тој момент никој не претпоставувал дека нивната врска ќе заврши со брак. Мајк Буденхолцер и Мери се развеле во 2016 година, додека сопругата на Попович, Ерин, почина во 2018 година. Во меѓувреме, очигледно се родила нова љубовна приказна, а според информациите, и Буденхолцер денес е во нова врска.
Веста за бракот доаѓа во период кога Попович се наоѓа во ново поглавје од животот. По сериозниот мозочен удар што го доживеа во 2024 година, тој се повлече од тренерската функција во Сан Антонио по завршувањето на сезоната 2024/25. Со Спарс освои дури пет НБА титули, а кариерата ја заврши како тренер со најмногу победи во историјата на лигата – 1.422.
Попович остави огромна трага и на репрезентативно ниво, откако ја предводеше селекцијата на САД до златниот медал на Олимписките игри во Токио. Така, легендарниот тренер, кој повеќе од две децении го диктираше ритамот на НБА-клупата, сега влегува во едно сосема поинакво поглавје. На 77 години, Попович повторно кажа „да“ и започна нова животна приказна, далеку од светлата на кошаркарските арени.











