четврток, септември 24, 2026
Дома ТОП 4 Лидери на компании за вештачка интелигенција: За доброто на човештвото, ве молиме...

Лидери на компании за вештачка интелигенција: За доброто на човештвото, ве молиме контролирајте ја технологијата што ја создадовме

12
EPA/RAJAT GUPTA

Раководителите на водечките компании за вештачка интелигенција упатија апел до Обединетите нации да го спасат светот – или барем луѓето во него – преку воведување регулативи за вештачката интелигенција што самите ја развиле.

„Ако не се управува правилно, верувам дури и дека вештачката интелигенција би можела да претставува ризик за човештвото во целина“, изјави вчера Дарио Амодеи, извршен директор на компанијата „Антропик“ (Anthropic).

Неговиот конкурент Сем Алтман, извршен директор на „ОпенАИ“ (OpenAI), оцени дека човештвото би можело „да ја изгуби способноста за планирање поради вештачката интелигенција“.

Обраќајќи се пред Советот за безбедност на ОН, и двајцата истакнаа дека сите нации мора да воспостават заштитни механизми за да спречат технологијата да стане премногу моќна и за да ја држат под контрола.

Тие исто така повикаа светот да се погрижи моќта на вештачката интелигенција да не биде концентрирана во рацете на една компанија или земја. Ја истакнаа користа од оваа технологија за напредокот на човештвото и, како што рече Алтман, за „давање поголема моќ на луѓето врз сопствените животи“. Британскиот министер за надворешни работи Ед Милибанд изјави дека овие технолошки лидери користат остар јазик бидејќи сакаат да спречат глобална катастрофа.

„Не можеме да ги игнорираме бидејќи се во право“, рече Милибанд.

Милибанд најави дека кога Велика Британија следната година ќе претседава со Г20, прашањето за контрола на вештачката интелигенција ќе го стави во центарот на дискусиите и ќе се залага за воспоставување унифициран сет на глобални стандарди за да се осигура дека „развојот на вештачката интелигенција е безбеден“. Сепак, САД оценија дека тоа не треба да се прави.

„Загриженоста околу контролата на вештачката интелигенција не е причина за забавување на нејзиниот понатамошен развој или за нејзино ограничување преку нова структура за глобално управување“, изјави Мајкл Крациос, советник за наука во Белата куќа.
„Сакаме вие ​​– нашите сојузници и партнери – да ги споделите придобивките од оваа технологија“, рече тој.

САД и Кина се натпреваруваат за доминација во областа на вештачката интелигенција, а кинескиот амбасадор во ОН, Фу Цонг, нагласи дека сите земји треба да имаат можност да ја изберат технологијата за вештачка интелигенција што ја сметаат за соодветна за себе.

За повеќето светски лидери, клучното прашање во врска со вештачката интелигенција е кој треба да носи одлуки за живот или смрт – луѓето или машините – пренесува новинската агенција АП.

Амодеи, Алтман и извршниот директор на „Hugging Face“ – кој се вклучи преку видео-врска – им се обратија на членовите на најмоќното тело на ОН, додека тие и светските лидери се соочуваат со прашањата дали да се контролира вештачката интелигенција, кој треба да ја контролира, како тоа би можело да се изведе и кога би можело да биде предоцна.

Претходниот ден, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди на опасноста од „роботи-убијци“. Експертите и европските лидери изјавија дека тоа не е претерување, туку сурова реалност – или ситуација што е опасно блиску до тоа да стане реалност. Амодеи ги повика светските лидери да се договорат дека нема да дозволат вештачката интелигенција да создава биолошко оружје, да утврдат како да се проверува кои модели имаат капацитет за такво нешто и да воспостават „заеднички стандарди“ за тестирање и за справување со губењето на контролата и со злоупотребата.

ИЗДВОЕНИ