Македонскиот кошаркарски бисер, Андреј Шошкиќ, прави значаен исчекор во својата кариера откако официјално го потврди трансферот на Универзитетот „Јужна Флорида“. По одличната дебитантска сезона со Стони Брук, македонскиот плејмејкер добива шанса да се докаже на уште повисоко ниво.
Шошкиќ зад себе има импресивна „руки“ сезона, во која на 22 натпревари бележеше просек од 10,7 поени, 2,6 скока и 2,4 асистенции, надополнети со 1,5 украдени топки на меч. Особено внимание привлече неговата ефикасност – речиси 50 % успешност од игра и одлични 45,1 % за три поени, што го вброи меѓу најпрецизните шутери во тимот, како и во лигата.
Во вториот дел од сезоната, неговата форма беше во постојан подем, па просекот го зголеми на 14,8 поени на натпревар. Круна на сезоната беше фантастичниот настап против Кембел, кога постигна дури 35 поени и го најави својот голем потенцијал.
Преминот во Јужна Флорида значи нов предизвик, но и голема можност за напредок. Тимот се натпреварува во силната Американска конференција, каде што конкуренцијата е на значително повисоко ниво. Дополнителен мотив е и работата со реномираниот стратег Крис Мак, кој има богато искуство и сериозни успеси во колеџ-кошарката.
Фактот што токму ваков тренер го избрал Шошкиќ како дел од својот ростер зборува многу за неговиот квалитет и за неговиот потенцијал. Македонската кошаркарска јавност со големо внимание го следи секој чекор на Шошкиќ, со оглед на тоа што токму тој ќе биде главна алка во репрезентацијата во годините што доаѓаат.
Инаку, со свое соопштение се огласи и неговиот поранешен клуб, тимот на Работнички.
- Му посакуваме среќа на македонскиот бисер и доскорешен наш играч, Андреј Шошкиќ, кој од универзитетот „Стони Брук“, каде што беше носител на играта, се префрли на Универзитетот „Јужна Флорида“. Во својата прва сезона во студенската НЦАА-лига, тој прикажа извонредни игри, надополнети со следните достигнувања на 22 натпревари, при што просекот му беше: 10,7 поени, 1,5 украдени топки, 2,6 скока, 2,4 асистенции, со 49,8 проценти шут од игра, од кои 45,1 процент шут за три поени. Македонскиот бисер, кој кошаркарски израсна во нашиот клуб, со одлични игри во младинските лиги и во сениорската екипа сè повеќе напредува преку Барата, во што, се надеваме и очекуваме, ќе се увериме на лето, преку неговиот настап за македонската А-репрезентација – се вели во соопштението на Работнички.











