четврток, октомври 22, 2026
Дома БАЛКАН Хрватска ги предупредува своите граѓани: Не патувајте во Србија воочи изборите

Хрватска ги предупредува своите граѓани: Не патувајте во Србија воочи изборите

0
EPA/MARKO DJOKOVIC

По извештаите во српските медиуми дека во Србија се уапсени две лица кои поседуваат хрватски пасоши, Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска (МВЕП) изјави дека тоа претставува „продолжување на неоснованите обвинувања“ против Загреб, кои Белград ги користи за внатрешнополитички цели.

Српските медиуми вчера објавија дека безбедносните сили, на подрачјето на Нови Сад, Краљево и Белград, уапсиле неколку членови на „криминална група“ која наводно планирала да предизвика немири во недела, на денот на парламентарните избори.

Додадоа дека двајца од уапсените поседуваат хрватски пасоши, иако сè уште не е познато дали имаат и српско државјанство.

„Се добива впечаток дека станува збор за продолжување на низата неосновани обвинувања“ против Хрватска – шема што ги вклучува неодамнешните дипломатски протестни ноти, како и нападите врз хрватските новинари и нивното известување – наведоа од МВЕП во одговор на прашање од новинската агенција „Хина“.

„Ваквите постапки се очигледно мотивирани од внатрешнополитички причини“, нагласија од МВЕП.

Од Министерството додадоа дека ниту тие, ниту хрватската амбасада во Белград „не добиле официјално известување од надлежните органи на Република Србија во врска со овие апсења,а следствено, во моментов нема достапни потврдени информации за околностите на случајот“.

Српските таблоиди и медиумите блиски до власта ги протолкуваа овие апсења како наводен дополнителен доказ дека Хрватска се меша во изборниот процес во Србија.

Од МВЕП укажаа на својата најнова препорака за патување во Србија, издадена во вторникот, со која им се препорачува на хрватските државјани да ги одложат сите патувања што не се неопходни и да покажат зголемена претпазливост. Министерството особено го свртува вниманието кон предвремените парламентарни избори на 25 октомври, како и кон потенцијалните политички тензии и безбедносни ризици пред, за време на и по изборите.

ИЗДВОЕНИ