среда, октомври 21, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Почна вакцинацијата против сезонски грип

Почна вакцинацијата против сезонски грип

0

Сите пунктови за вакцинација ги имаат потребните количества вакцини против сезонскиот грип и спремно ги дочекуваат пријавените, рече министерот за здравство, Сашо Клековски, откако ја прими дозата, означувајќи го стартот на имунизацијата. За една недела се пријавиле вкупно 55 илјади граѓани, а  само во првите часови од отпочнувањето со вакцинација низ Центрите за јавно здравје биле вакцинирани дури 360 луѓе. Првите дози се предвидени за лица над 65 години, хронично болните, здравствените работници, трудниците и децата до пет години. Откако ќе се потроши заемот од 30 илјади вакцини од Албанија, преку УНИЦЕФ, ќе се чека набавката од 26 илјади која треба да пристигне во средината на следниот месец.

– Прв се вакцинирал пензионер во Виница, во 7:45 часот. Вакцинацијата се одвива редовно, најмногу пријавени има во Скопје, Прилеп, Тетово и Струмица. Најголем дел од пријавените, над 60 %, се лица над 65 години, а мал е интересот кај здравствените работници, ги повикувам да го сторат тоа за да се заштитат. Има и откажувања најверојатно не им одговарал терминот што им го дале од здравствените центри, изјави министерот за здравство, откако ја прими вакцината од Албанија, донесена како донација, бидејќи првично никој не се пријавил на тендерот за вакцини против грип.

Новите 26 илјади дози, откако повторно се распиша оглас за набавка, според Клековски, треба да пристигнат до 15 ноември, а министерот е оптимист дека ќе стигнеме до посакуваните 80 илјади вакцини.

„Нема подобар начин да се спречат компликациите од сезонски грип од вакцинација“, вели д-р Димитар Каркински од Клиниката за пулмологија и алергологија.

„Пациентите со хронично респираторни заболувања треба да се вакцинираат бидејќи имаме страшни гужви декември и јануари, да се заштитат бидејќи во тој период  се качува бројот на смртни случаи“, апелира пулмологот.

 

Од отпочнување на сезоната на грип во земјава има два потврдени случаи од типот А, кажа директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска. До средата се евидентирани околу 65 пациенти со симптоми слични на грип, болка во грлото, тешкотии во горните дишни патишта.

„Ова е најдобро време за вакцинација, овој период има двајца повредени на грип од типот А, а последната недела немаме нов случај. Ако граѓаните што им припаѓаат на ризичните категории се вакцинираат сега, ќе почне да им дејствува за две недели“, вели Андоновска

Меѓу првите што дојдоа да се вакцинираат во Институтот е и доктор Кирил, пензионер со 40-годишно работно искуство. „Секогаш сум им велел на моите пациенти да се вакцинираат бидејќи тоа е најдобрата заштита од болеста. Јас се вакцинирам секоја година и не ме фатило грип“, ни изјави лекарот во пензија.

Вакцинацијата во ЦЈЗ ќе се одвива во рамките на работното време. Оние што поради здравствени причини, неподвижност, инвалидитет не можат да појдат, треба да се јават кај матичниот лекар и тој ќе им организира да бидат вакцинирани дома, велат за ВЕЧЕР од ИЈЗ. Граѓаните од ризичните групи кои сè уште не го сториле тоа, можат да се пријават на официјалната веб-страница vakcinacija.mk. Потоа, тие добиваат СМС-порака со точниот час и со пунктот каде што треба да се јават за имунизација. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ