На 23 април се одбележува Светскиот ден на книгата и авторското право, воспоставен од УНЕСКО во 1995 година, со цел да им се оддаде признание на книгите и на нивните автори како „мост помеѓу генерациите и културите“.
Изборот на овој датум се должи на тоа што, наводно, на 23 април 1616 година, починале три големи имиња на светската литература: Мигел де Сервантес, Вилијам Шекспир и Инка Гарсиласо де ла Вега. Додека првите двајца несомнено се меѓу најпознатите писатели во историјата на литературата, можно е третиот да не им е толку познат на македонските читатели. Инка Гарсиласо де ла Вега, книжевното име на Гомес Суарес де Фигероа, бил син на шпански освојувач и на инка принцеза. Се смета за наследник на две големи културни традиции – домородната американска и европската – и симбол на културно преплетување.
Исто така, вреди да се спомене дека многу пред ова признание на УНЕСКО, во Шпанија веќе се одбележувал Денот на книгата, воведен во 1926 година, а од 1931 година се слави на 23 април, по барање на книжарите токму поради совпаѓањето со датумот на смртта на Сервантес и Шекспир. Исто така, во Каталонија, регионот од кој потекнувам, на истиот ден се прославува празникот Свети Ѓорги (Сан Жорди), заштитник на регионот. Спојот на овие две прослави го создава еден од најубавите културни настани во Барселона, каде што традиционално подаруваме рози и книги. Тоа е извонредна можност да се посети мојот роден град и, искористувајќи ги директните летови меѓу Скопје и Барселона, ги охрабрувам Македонците да го посетат по повод оваа прослава.
Ќе наидете на украсен град, кој во празничен дух ја слави љубовта кон книгите.
И за крај, секоја година на 23 април се доделува и наградата „Сервантес“, највисокото книжевно признание за автори што пишуваат на шпански јазик.
И оваа година, како што е традиција во Амбасадата на Шпанија, Светскиот ден на книгата ќе го одбележиме во соработка со Националната и Универзитетска библиотека, „Св. Климент Охридски“. На 23 април, ве поканувам да ни се придружите на ден исполнет со читања, книжевни средби, организирани посети на библиотеката и концерт за затворање на настанот. Ми претставува посебно задоволство учеството во јавно читање извадоци од „Дон Кихот“ од Ла Манча, на македонски и на шпански јазик.
Книгата е голем носител на нашата култура и, во своите различни форми – од скромниот пергамент од нејзините почетоци до денешниот дигитален формат – таа претставува главен инструмент за пренос на културата меѓу генерациите низ вековите. Без книгите, не би биле тоа што сме. Но, книгата не е само физички предмет. Преку читањето, таа ја поттикнува нашата имагинација, нè забавува, нè образова, нè прави помудри и подобри луѓе. Затоа е особено важно да се поттикнува читањето од најрана возраст. Секој што има деца адолесценти, како што е и мојот случај, ги знае тешкотиите да се поттикнат децата и младите да читаат. Преплавени од искушението на екраните, на кое, секако, не сме имуни ни ние возрасните, читањето книги се маргинализира наспроти непосредноста на сликата. Светскиот ден на книгата е исто така можност повторно да се истакне значењето на читањето и да се промовира меѓу најмладите.
Пред неколку дена, влегов во една книжарница во Скопје и по случаен избор почнав да ги разгледувам достапните наслови од автори на шпански јазик. За само неколку минути во рацете имав дела преведени на македонски од автори како Едуардо Мендоса, Луис Мартин Сантос, Алехо Карпентиер, Гиљермо Кабрера Инфанте или Габриел Гарсија Маркес. Не сум толку сигурен дека е можно на шпански да се најдат дела од Блаже Конески, Кочо Рацин, Петре Андреевски или Славко Јаневски. Претставува возбудлив предизвик да се постигне тоа што, исто како што литературата на шпански јазик му е достапна на македонскиот читател, главните дела од литературата на македонски јазик еден ден да бидат достапни и за читателите на шпански јазик.

И уште една, последна забелешка што ми се чини многу важна. На 23 април не ги истакнуваме само книгите, туку и оние што ги пишуваат и оние што ги распространуваат, и затоа се одбележува и авторското право. Книжевната индустрија ја сочинуваат издавачи, книжари, библиотекари и, секако, пред сѐ, авторите. Таа претставува динамичен економски сектор што треба да биде заштитен и поттикнуван од јавните власти и во Шпанија и во Северна Македонија.
Затоа, да го прославиме овој 23 април на свечен начин. Сервантес раскажува во своето бесмртно дело дека на Дон Кихот му се исушил мозокот од малку спиење и од многу читање, така што го изгубил разумот. Но не е така, драги пријатели – читањето е вратата кон знаењето, активност што нѐ поврзува со генерациите што ни претходеле, што нѐ прави преносители на приказни и вредности и што, без сомнение, нѐ прави подобри. Читањето книга е, во суштината, нешто длабоко човечко.












