Серхио Перес навести дека би можела да заврши неговата кариера во Формула 1 побрзо отколку што се очекуваше, откривајќи дека не планира уште долго да се натпреварува, и покрај амбициозниот проект со Кадилак.
Мексиканскиот возач, кој се врати во Формула 1 по паузата минатата сезона, призна дека ќе му биде потребно време на новиот тим за да се приближи до водечките екипи. Кадилак засега се наоѓа на дното во шампионатот за конструктори, без освоен бод, а најдобрите резултати на Перес сезонава се двете 14. места.
- Ова е проект за кој е потребно повеќе време отколку што првично мислев. Тешко е да се одреди точниот број години, но нема да биде уште долго – изјави Перес за „Телевиса“.
Триесет и шестгодишниот Мексиканец смета дека повторно докажал оти поседува квалитет за највисокото ниво, но признава дека семејството сè повеќе влијае на неговите планови. Тој сака да поминува повеќе време со сопругата Карола Мартинес и со нивните четири деца.
- Она што навистина ме спречува да продолжам се моите деца. Би сакал да останам толку долго колку Фернандо Алонсо, на пример, но моите деца се на возраст кога сакам да бидам повеќе со нив – истакна Перес.











