
Либан слави откако беше објавено дека е договорено примирје со Израел. Договорот за прекин на огнот стапи на сила ноќеска на полноќ ,по што, низ земјата, беа забележани сцени на славење и олеснување, а раселените жители почнаа да се враќаат во своите домови. Во некои делови се слушна и славеничко пукање.
Предвидено е примирјето да трае 10 дена, но, како што соопштија САД, има можност за продолжување. Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, рече дека тоа би можело да го отвори патот за „историски мировен договор“ со Либан. Хезболах, поддржуван од Иран, се согласи да го почитува примирјето, но под услов тоа да вклучува „целосен прекин на нападите врз целата територија на Либан“ и забрана за движење на израелските сили. Но, Нетанјаху најави дека израелските сили ќе останат во безбедносната зона длабока 10 километри, во јужен Либан. Следните чекори не се јасни. Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ги поканил лидерите на Израел и на Либан во Белата куќа, но засега нема потврда за таа средба.
Сепак, спроведувањето на договорот за прекин на огнот, кој Трамп го нарече историски за Либан, покажа знаци на кревкост на самиот почеток. Борците на Хезболах продолжија да лансираат ракети кон северот на Израел сè до самиот старт на примирјето, додека израелското гранатирање на либанските села, според достапните информации, продолжило половина час потоа.









