„Македокс“ ќе биде отворен со проекција на краткиот филм „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и со долгометражниот документарец „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим на 20 август, во 20:30 часот, во Куршумли ан.
На фестивалот се предвидени проекции на 71 филм, се очекуваат над 100 гости од странство, а ќе се одржат и македонските премиери на новите филмови на Милчо Манчевски и на Елена Чемерска
Седумнаесетото издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ годинава ќе се одржи под мотото „Само сонот е стварност“, од 20 до 27 август, во Скопје и овој пат на повеќе локации како Куршумли ан, Музејот на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албанскиот театар.
„Македокс“ ќе биде отворен со проекција на краткиот филм „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и со долгометражниот документарец „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим, на 20 август, во 20:30 часот, во Куршумли ан.
Во „Цвеќињата стојат молкум, сведочејќи“, палестински режисер што живее во Шкотска открива ретко видена шкотска архива со снимки од палестински диви цвеќиња и им дава нов живот преку филмот. Во „Кон Запад, во Запата“, пак, еден кубански брачен пар се бори да го зачува своето семејство додека се обидува да преживее во изолираните мочуришта на Запата, во Куба. Филмот е интимен портрет на истрајноста, љубовта и на цената на опстанокот.
Во рамките на целокупната програма на фестивалот се предвидени проекции на 71 филм, се очекуваат над 100 гости од странство, а ќе се одржат и македонските премиери на новите филмови на Милчо Манчевски и на Елена Чемерска.
Долгометражниот документарец „Добри луѓе“ на Манчевски, чија проекција е на 23 август, во 21:00 часот, во Куршумли ан, сведочи за тагата што останува и за силата да се продолжи понатаму по катастрофалниот пожар во ноќниот клуб во Кочани, во кој животот го загубија 63 млади луѓе. Преку гласовите на преживеаните, семејствата и на луѓето што несебично помогнале, Манчевски создава интимна рефлексија за загубата, сеќавањето и за надежта.
Во филмот „Руини“, чија прокеција ќе биде на 24 август, во 21:00 часот, во Куршумли ан, Елена Чемерска ја прикажува реставрацијата на модернистичкиот споменик изграден од нејзиниот покоен татко и познат уметник, Глигор Чемерски, и ги следи испреплетените патишта на личната тага и на колективната меморија.

– Горди сме што низ годините „Македокс“ израсна во фестивал на кој не се доаѓа само за да се гледаат филмови туку и за да се остане по филмот – да се разговара, да се запознаат авторите, да се разменат идеи и неколку дена вистински да се живее документарниот филм. Токму тоа сакаме да биде „Македокс“ – место на средба. Меѓу филмот и публиката, меѓу домашната и меѓународната документарна сцена, но, пред сè, меѓу луѓето – оние сонувачи што сè уште веруваат дека сонот може да стане стварност. Годинава имаме и една од најопширните дополнителни програми досега, надвор од самите филмски проекции – со мастеркласови, разговори, панели, работилници, програма под смоквата и индустрискиот сегмент Макекопродокс – рече Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот, на вчерашната прес-конференција.
Фестивалското мото „Само сонот е стварност“ е наслов на песна од Тин Ујевиќ, но и на книга на една од нашите најзначајни македонски филмолози и филмски критичарки, Илинденка Петрушева.
– „Само сонот е стварност“, за нас, не е само мото. Тоа е нешто што тивко го носиме во себе, нешто што нè оттурнува напред кога станува стварноста претесна, кога не се доволни зборовите, кога ни треба нешто повеќе – слика, звук, тишина… чувство. А филмот отсекогаш бил токму тоа. Еден сон што се осмелил некој да го сподели. Една вистина што ја почувствувал некој доволно силно за да ја зачува. И, можеби, токму затоа документарниот филм е толку близок, затоа што е направен од луѓе што длабоко чувствуваат и љубат. Ова издание е и тивка посвета на една љубов кон филмот што не згаснува, на една мисла што продолжува да живее, на Илинденка Петрушева, нашата Бабе, што со својата заразна енергија изнедри генарации на посветени филмаџии и филмољупци и нè научи дека киното не е само простор туку и состојба на духот. Дека филмот не е само гледање туку и паметење, грижа и упорност. Затоа ве поканувам оваа година не само да гледате филмови туку и да им се препуштите. Да дозволите да ве поместат, да ве вознемират, да ве утешат. И да понесете нешто со себе… Можеби, некое прашање. Можеби, некое чувство. Можеби, еден нов сон – рече Петрула Вељановска, програмски координатор на „Македокс“, објаснувајќи го годинашното фестивалско мото.
Инаку, филмовите на фестивалот се распоредени во шест категории: Главна програма, Нови автори, Земја во фокус: Шпанија, Кратки документарци, Студентска програма и Програма за деца и млади. На фестивалот ќе се доделат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и награда за најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15-мина интернационални професионалци од документарниот филмски свет. Земја во фокус годинава е Шпанија, со избор од најавтентичните и највозбудливи остварувања на тамошната современа документарна сцена. Програмата се одликува со силен авторски печат, визуелна смелост и со тематска разновидност, а ќе вклучи и избор на кратки документарни филмови од Канарските Острови и експериментални краткометражни дела од Перу.
Во програмата на фестивалот се предвидени мастерклас со наслов „Сè што ги обликува документарците“ со Мигел Еек и Ксавиер Марадес; мастерклас со Алесандро Стелино, со наслов „Збогум филмски критичари, здраво навивачи“, за исчезнувањето на една професија што никогаш не постоела, како и панел-дискусија за киното и за филмската критика со наслов „Филмска критика во ера на алгоритми?“, на која ќе учествуваат Марина Костова (Македонија) – филмска критичарка, потпретседателка на ФИПРЕСЦИ, Марина Д. Рихтер (Австрија) – филмска критичарка, новинарка и фестивалска селекторка, Алфонсо Ривера (Шпанија) – филмски критичар, новинар и член на ФИПРЕСЦИ Шпанија, Муртада Елфадл (САД) – филмски критичар, новинар и селектор, додека мoдератор на панелот ќе биде Кристин Камдесу (Франција) – управна и уметничка директорка на ФИПАДОК. Овие настани ќе се одржат во „Лабораториум“. Од 22 до 25 август, пак, ќе се одржи интензивна работилница за монтажа, под менторство на реномираните монтажери Касија Боњецка и Пер К. Киркегард.
– Од 25 до 27 август ќе се одржи осмото издание на Макекопродокс форумот, кое ќе ги обедини директорите на националните филмски центри од Балканот, меѓународните филмски професионалци и тимовите на осум избрани документарни проекти во развој, кои во изминатиот месец беа дел од работилницата за развој на проекти под менторство на тројца интернационални ментори од индустријата, Виктор Ед, Зејнеп Ѓузел и Бриџид О’Ши. Во духот на годинашното фестивалско мото, форумот ќе се осврне на тоа како може да се развијат документарните соништа и да стигнат до својата конечна форма, а завршените филмови до својата публика – истакна Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „Македокс“. Во соработка со Словенечкиот филмски центар, пак, ќе биде презентиран избор од современата документарна сцена во Словенија, а ќе биде претставен и проектот „Документарница“. Во попладневните часови, во Куршумли ан и годинава ќе се одржуваат „Муабети под смоквата“, додека во вечерните часови, по филмските проекции, ќе следува концертната програма „Ноќни приказни“. Загревањето за 17. „Македокс“ почнува во „Котур“, на 14 август, од 20;00 часот, а за добро расположение ќе се погрижи Марко Кочишки.
(Н. И. Т.)
Legenda za vtora> „Руини“












